недела, 14 декември 2025

СДСМ обвинува за намерна конфузија со експремиерот Ковачевски во истрагата за Државна лотарија

СДСМ изразува крајно разочарување од конфузијата која се создаде во јавноста околу поранешниот премиер Димитар Ковачевски во врска со истрагата за случајот со Државната лотарија, изјави денеска на прес-конференција организацискиот секретар на партијата Мартин Костовски.

Објавено на

часот

Сподели

„Прво, сакам да изразам крајно разочарување од тоа каква конфузија се направи во јавноста во однос на екс-премиерот Ковачевски кој беше осуден од јавноста и медиумите, додека во реалноста Јавното Обивинителство сè уште нема оформено предмет. Според она што досега го дознавме од ЈО сè уште нема постапка туку само кривична пријава која допрва ќе видиме дали е основана. Според ЈО станува збор за сосема друг период и друг случај кој очигледно е различен од овој на Груби и Бајрами“, изјави Костовски.

Според него, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски со своите изјави, како што рече „очигледно намерно се обиде да го вметне и Ковачевски со Груби и Бајрами во истиот предмет“.

Потенцираше дека Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги поддржува сите независни и професионални истраги против било кои поранешни и сегашни функционери.

„Бараме надлежните институции да ги извршат своите обврски непристрасно и темелно, со што ќе се открие вистината. Потсетуваме дека секој функционер, без разлика на својата позиција или партиска припадност, има право на правична постапка и се смета за невин сè додека не се докаже спротивното. Секој обид за политизација или предвремена јавна осуда за лицата опфатени во истрагите ги поткопува принципите на правдата и одговорноста“, рече Костовски, повикуваќи на почитување на правото на пресумпција на невиност.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на прес-конференција соопшти дека поранешен премиер и прв вицепремиер се дел од истрагата околу аферата со криминалот во Државна лотарија. Опфатени се и поранешен генерален секретар и државни службеници.

Основното јавно обвинителство Скопје вчера информира дека за случајот со Државната лотарија постапува по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција.

Оттаму известија дека кривичната пријава за поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешен генерален секретар Методија Димовски не е отфрлена, но се работи за друг период.

„Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот“, соопштија од обвинителството.

Според информациите од ЈО, со истрагата за Државна лотарија се опфатени шест лица од кои двајца – Артан Груби и Перпарим Бајрами, не се достапни за истражните органи. Судот на Груби и на Бајрами им одреди притвор од 30 дена, а МВР по нив распиша меѓународна потерница.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ