вторник, 17 февруари 2026

СДСМ обвинува за луксузи со владиниот авион, Владата возвраќа – хипокризија на опозицијата, сè е според прописите

Со владин авион и со парите од граѓаните премиерот бил на Јадранското Море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес конференција пред зградата на Владата.

Објавено на

часот

Сподели

Таа нагласи дека додека „граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека Владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот“.

Набрзо од Владата реагираа дека владиниот авион е користен во согласност со прописите, а секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола.

Ние немаме што да криеме, порача денеска Владат,а оценувајќи дека и опозицијата шири хипокризија и сензационализам.

„Јавно и недвосмислено укажуваме дека владиниот авион е користен исклучиво во согласност со прописите и актите за негово користење, во согласност со правилникот за условите и начинот на користење. Секое користење е евидентирано, документирано и предмет на институционална контрола. Ниедна активност не е надвор од утврдените процедури, ниту постои каква било форма на злоупотреба“, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Од друга страна, Кузеска потсети дека Мицкоски, исто како Груевски, кој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен „мерцедес“, има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.

„Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација – Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот. Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај можат да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион? Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари?“, посочи Кузеска.

Сепак, според Владата, особено е симптоматично, како што наведуваат, што опозицијата свесно ја игнорира хуманитарната и државничка димензија на користењето на авионот во ситуации од итен карактер. Јавноста, наведуваат, добро знае дека истиот авион беше ставен во функција на спасување човечки животи, меѓу другото, и при транспорт и координација на активности поврзани со повредените од трагичниот пожар во Кочани.

„Загрижува фактот што истата политичка структура, која денес обвинува, во минатото го користеше владиниот авион за патувања што останаа длабоко контроверзни во јавноста, вклучително и летови до Ниш, во тоа време од патувањата со владиниот авион гледавме фотографии и изјави со кои се манипулираше јавноста“, се вели во соопштението на Владата.

Владата наведува дека „денешните обиди за морализирање од страна на истите актери претставуваат класичен пример на политичка хипокризија“.

„Кога беа на власт, ги уриваа стандардите на отчетност, ги злоупотребуваа службените ресурси до максимум, а никогаш не иницираа суштински реформи. Напротив, токму во нивниот период на владеење, јавноста беше сведок на безброј злоупотреби“, посочува Владата.
Притоа, се дополнува дека извршната власт останува цврсто посветена на принципите на законитост, отчетност и транспарентност.

„Секој надлежен орган има право и обврска да изврши увид и контрола, и ние немаме што да криеме. За разлика од политиката на сензационализам и конструирани афери, наш приоритет остануваат конкретните резултати, заштитата на јавниот интерес и унапредувањето на меѓународната позиција на државата“, соопшти владината прес-служба.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ