петок, 5 декември 2025

СДСМ обвинува за криминал со ИПАРД програмата, ВМРО-ДПМНЕ бара расчистување на случајот

Коруптивните шеми и скандали на кадрите на ВМРО-ДПМНЕ во земјоделството ја доведуваат во прашање европската поддршка за реализација на ИПАРД-3 програмата, вредна 128 милиони евра, вели пратеникот од СДСМ Љупчо Николовски, на прес-конференција. Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа расчистување на случајот.

Објавено на

часот

Сподели

Според информациите на Николовски, има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија.

„Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата 7 годишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство.Тоа значи дека нема повеќе нови повици, нема нови договори коишто ќе бидат склучени, но исто така и нема исплати за проектите коишто тековно се финансираат. Илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано своите инвестиции на основа на овие средства или веќе реализираат инвестиции, сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат овие вложувања. Губењето на правото на располагање со европските средства, кои се главен извор за модернизација на македонското земјоделство, за набавка на механизација, за опрема во преработувачките капацитети и изградба на нови, за поддршка на бизнисите во руралните средини, ќе го закочи целиот развој и ќе ја намалат конкурентноста на домашниот и европскиот пазар“, рече Николовски.

Според него, СДСМ очекува целосна морална, политичка и кривична одговорност од секој што е вмешан во овој корупциски и криминален скандал. Одговорност мора да има и за последиците коишто ќе следат.

„Не може земјоделците, луѓето коишто ја хранат оваа држава и се двигател на македонската економија, да бидат жртви на корупцијата и на неспособноста на оваа власт“, рече Николовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа расчистување на случајот.

„ВМРО-ДПМНЕ ги повикува надлежните институции да го истражат случајот, нема да толерираме неправилности и одговорност мора да има. ВМРО-ДПМНЕ нема да ги толерира неправилностите и девијантните однесувања на поединци за кои има сомнение дека го прекршиле Законот. Законот за сите е ист, се вели во сопштението од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го објавува интегрално. Секој којшто ќе биде фатен во корупција или криминал, а притоа ќе има докази за истиот, мора да одговара. Не смееме да дозволиме општеството да ни биде мрачно како порано кога луѓе како Заев, Љупчо Николовски, Груби, Филипче, Перпарим Бајрами, Ден Дончев, Рашковски и слични на ним, за кои има основани сомнение или пресуди за сторен криминал, шетаат слободно по улиците. Апелираме до надлежните институции да постапат по случајот и да го истражат до крај“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ