„Четири од шест договори се добиени од Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски. Ова е класична шема за испумпување на пари од граѓаните преку фирми блиски до власта. СДСМ бара акција од институциите за криминалците во власта да одговараат а крадењето од граѓаните да престане.
Не баравме ниту роднинско стебло ниту извод од Димса Арсовски, туку да одговори на прашање дали е роднински поврзан. И нема за што да му се извинуваме. Човек без работен стаж коментира нечии кариери? Човек кој лаже и краде бара извинување? СДСМ не се извинува на криминалци“, порачуваат од СДСМ, по барањето за извинување од поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Од СДСМ велат дека и Груевски и Мијајлков не се со исто презиме, па сепак се роднини.
„Димса не дефокусирај, она што е сигурно: сите вие во ВМРО-ДПМНЕ сте роднини по криминал.
СДСМ продолжува со разоткривање на криминалот на ДПМНЕ. Утре ќе објавиме нови аспекти на овој скандал, да видат граѓаните какви луѓе стојат зад овие фирми кои добиваат милионски тендери и со што се поврзани“, порачуваат од СДСМ.
На обвинувањата од СДСМ за наводни милионски тендери на Владата со фирма со двајца вработени, од ВМРО-ДПМНЕ реплицираат дека тоа се „конструирани приказни со лажни информации“
„Од СДС која е под водство на Венко Филипче од ден на ден докажуваат дека не знаат ништо, освен лаги и конструкции. Филипче секој ден докажува дека е само продолжена рака и верна сенка на неговиот другар Зоран Заев. Така денеска, излегоа во јавност повторно со некакви конструкции за јавна набавка, која не е ништо друго освен редовна набавка спроведена на транспарентен начин“, се посочува во рекацијата од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на СДСМ .
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека „СДС во нивни стил смислуваат приказни со лажни информации, поточно дезинформации“.
„Да се обидеме да им разјасниме, се разбира ако сфатат, ако не – го потврдуваат она што ВМРО-ДПМНЕ постојано го говори, дека СДС нема иднина додека е под водство на Филипче, другарот на Заев.
Договорот за кој зборуваат со фирмата Дигитал оне, или постапката за оваа јавна набавка е направена под исти услови под кои правела и владата на СДС.
Дополнително, да им објасниме дека за договорите за набавка на сервери, наместо да се плаќа хост на приватни правни лица, сега за прв пат поседува сервери на кои самостојно се хостираат владините апликации. Третиот споменат договор исто така е склучен во транспарентен процес и набавени се компјутери по најниска понудена цена.
СДС тонат со сопствените лаги, а ВМРО-ДПМНЕ покажува дека се грижи за домаќинско користење на народните пари“, одговараат од ВМРО-ДПМНЕ.






