Со едноминутно молчење членовите на највисокиот орган на СДСМ оддадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани и изразија сочувство со болката и тагата на нивните семејства.
„Досегашниот тек на истрагата покажува дека се води селективно и е насочена само кон минатото, само кон поранешни функционери и службеници додека воопшто не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата“, било заклучено на Централниот одбор на СДСМ.
Од СДСМ посочуваат дека селективноста не е правда, туку неправда и ја продлабочува недовербата на граѓаните во институциите и во правосудството.
„Имајќи ја предвид сериозноста на трагедијата и тешките последици со огромен број жртви и повредени, недозволиво е да води истргата на селективен начин. СДСМ инсистира на неселективна, независна и темелна истрага во која сите ќе одговараат согласно законите. На каква било селеквтивност, штитење на актуелни функционери, на поединци блиски до власта СДСМ ќе се спротивстави. Пред законот сите мора да бидат еднакви“, велат од СДСМ.
Во оваа насока, како што се посочува во соопштението, СДСМ ќе ги искористи сите институционални и демократски механизми, вклучително и во македонското Собрание, преку анкетна комисија во соодветен момент, за утврдување на фактите, но и политичката одговорност за трагедијата којашто се случи во Кочани.
Во однос на внатрепартиските избори за претседател на СДСМ, кои беа одложени поради трагедијата во Кочани, Централниот одбор донесе одлука да се одржат на 6-ти април.