вторник, 27 јануари 2026

СДСМ инсинуира за државни тендери за фирма на татко на шефот на кабинетот на премиерот – Нелоски навестува тужба за клевета

Антикорупцискиот тим на СДСМ објави повеќе бомби, факти и докази за фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, фаворит за тендери во општините под контрола на ВМРО, се вели во денешното соопштение од СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

„Дури 51 тендер во вредност од 16 милиони евра добила оваа фирма од општините на ВМРО. Преку нашата дигитална платформа ‘МИЦКО.мк’ откривме и дека нејзиниот сопственик бил член на избирачки одбор токму од ВМРО-ДПМНЕ.

Тендерската мрежа се шири преку семејни и партнерски фирми, кои добиваат милионски договори од институции под контрола на власта.

АКТ откри и дека сопругата на газдата на „Пирамид билдинг солушнс“, Оливера Доновска, има фирма со Филип Гулевски, кој со друга фирма добива тендер за проектирање и изведба на спортски сали во општините Крушево и Аеродром. Вредност од 1,1 милион евра од Министерството за спорт.

Денеска откриваме нова бомба, нов скандал. Оваа пирамидална мрежа на тендери и фирми води директно до кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски, односно шефот на неговиот кабинет, Владимир Нелоски“, посочуваат од СДСМ.

Според сознанијата на опозициската партија, Оливера Доновска, сопругата на газдата на „Пирамид билдинг солушнс“, Петар Доновски, е сопственичка и управителка и на трговската фирма со облека ТРГО СТРОЈ ДОО Скопје, основана 2019 година. По доаѓањето на власт на ВМРО, или точно на 11.4.2025 година, како содружник во фирмата ѝ се приклучува Јовица Нелоски.

„Кој е Јовица Нелоски? Татко на Владимир Нелоски, шеф на кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски. Дали сега е јасно? Во ВМРО секој функционер или негов роднина има фирма. А како што покажавме, имаат и тендери. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за фирма преку општини, 9 милиони евра за двајца вработени, 1,2 милион евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта.

Нема пари за поголема минимална плата, нема пари за плати, за пензии, има пари само за тендери. Тендер на овој, тендер на оној, фирма на еден роднина, фирма на друг роднина. Ова е уште еден доказ дека тендерските шеми и фамилијарните фирми, освен што се партиски и фамилијарно поврзани, водат директно и до кабинетот на Мицкоски“, беше искажано на денешната прес-конференција на СДСМ.

На наводите од соопштението на СДСМ, веднаш реагираше споменатиот Владимир Нелоски, преку објава на неговиот Фејсбук-профил. Нелоски демантира дека фирмата со која се поврзува неговиот татко учествувала на државни тендери.

„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес-конференции на СДС, партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полуинформации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари“, ги негира Нелоски обвинувањата од СДСМ.

Меѓу другото, Нелоски  аргументира дека како и секој човек, и неговиот татко, „кој цел живот работи чесно во приватниот сектор“, има право да работи, додавајќи дека тој со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија.

„Колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата. Така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции.

И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката, нека не поставуваат прашања од СДС, туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма, за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, порачува Нелоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ