Кузеска кажа дека „со разоткривање на криминалните тендерски шеми на власта на премиерот Христијан Мицкоски“ откриваат дека вториот вработен во фирмата која добила тендери од речиси девет милиони евра за само шест месеци, е Глигор Поцев.
„Поцев бил сведок во случајот Тагрет Тврдина за уништувањето на опремата за масовно прислушување како вработен во УБК во периодот на Сашо Мијалков. А токму последниот договор со Владата и оваа фирма е рамковна спогодба за софтверски лиценци за виртуелна платформа. Како тоа лица кои биле дел од разузнавачки структури, кои директно или индиректно се поврзани со процеси за уништување на опремата за прислушување сега се пак во игра за милионски тендери за софтвери? И како тоа баш сега, Владата на Мицкоски избрала човек од тоа време, од тие структури, сведок за уништувањето на опремата? Скандалот со тендери вредни 9 милиони евра, дадени на фирма од две лица основана од пред само една година, јасно покажува дека кај Христијан Мицкоски владее истата криминална школа на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Методите се исти, милионски тендери платени од пари на граѓаните на фирми со сомнителна или релативно непостоечка историја. Целта е иста, богатење на партијата и поединци од врхушката на власта. Дури и луѓето се од истиот груевистички период очигледно! Ништо од ова не е случајно, ова е криминален систем за крадење пари од граѓаните и контрола за кој мора да има истрага и одговорност. Крадењето мора да запре. Инситуциите мора да делуваат и да преземат мерки согласно законот. Предупредуваме да знаат сите дека овие дела не застаруваат. Одговорност мора да има и ќе има, кога-тогаш! Работата сè уште не е завршена“, рече Кузеска.
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија и ја потсетија опозициската партија „на дел од нивните коруптивни и криминални дејствија“.
Според владеачката партија, СДСМ стигнала до тоа дереџе да држи пресови кој и каде е вработен во приватни компании и тоа да го претставува за наводен скандал.
„За да не биде скандал, СДС да појасни дали тој човек не треба да работи во таа фирма или не треба да работи никаде? Вчера тврдеа дека првовработениот во споменатата фирма бил роднина на Димче Арсовски и откако спинот им заврши на буниште смислија нов спин, за да се себе оправдаат. Ова е резултат на очајот и паниката, но пред сè безидејноста во редовите на СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму обвинија за серија наводни корупциски скандали кои биле направени во времето на СДСМ.
„За потсетување во продолжение ги потсетуваме на безбројните афери чиј носител е СДС и нивниот лидер Венко, како Шпанско село 2 каде Филипче се стекна со огромен имот на Водно, сомнителните тендери во РЕК Битола и ЕСМ за набавка на јаглен од која фирма, исто така Филипче профитирал и тоа на поклон добил луксузен џип аудито Q8. Да не ги заборавиме крвавите тендери, планираната набавка на вакцини во корона периодот за цени три пати повисоки од пазарните и тоа од фирми за овошје, ни криминалната приватизацијата на стерилизација во јавните здравствени институции, како ни модуларната болница во Тетово во која живи изгореа 14 луѓе за две минути, и тоа за профит од 20 отсто, сето ова во време на министерувањето на Венко Филипче. Исто така не треба да се заборават ниту криминалите на Драги Рашковски кој, како Генерален секретар на влада си спроведуваше тендерски постапки за набавка на софтвери за кои никој ниту знаел, ниту ги користел. Потсетуваме и на државното земјиште кое сопругата на Ковачевски го доби од неговата влада за изградба на фотоволтаици, како и на фирмите, исто така за фотоволтаици, на браќата на Заев и Филипче во Дојран за која добиле дозволи во рекордно брзо време. Долга е листа листата на скандали, афери и наместени тендери во страна на СДС, затоа до исчекување на следниот спин, на СДС им порачуваме да си ги погледнат своите редови и редно е да ги исчистат од нивните докажани криминални структури, кои сакаат да ги продадат како нови лица“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.






