„Јавно, јасно и гласно повторуваме: Венко Филипче нема никаква врска со Крмзов, ниту со било кои измислени сценарија што панично ги пласира ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа очајна црна кампања само ја разоткрива внатрешната нервоза и стравот кој владее кај Мицкоски и неговата партија. Наместо идеи, резултати или одговори на сериозните прашања од јавноста, ВМРО-ДПМНЕ се крие зад фабрикувани обвинувања и дезинформации“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, таквите обвинувања за нивниот лидер, Филипче, се обид на Мицкоски да го тргне фокусот од својот долгогодишен соработник и близок партиски кадар, Александар Нацев – притворениот сопственик на обезбедувањето „Рубикон“, осомничен за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
„Нацев е дел од ВМРО-ДПМНЕ – член на Комисијата за одбрана и безбедност, делегат на конгресот на кој Мицкоски беше избран за претседател, со редовни настапи од истата таа говорница од која денес се шират лаги. Мицкоски и Нацев имаат заедничка историја, заеднички фотографии, заедничка одговорност. Тоа е дебела врска сплетена околу вратот на кочанчани“, се вели со соопштението на СДСМ.