„СДСМ најостро реагира на најновите скандалозни партиски поставувања во културните институции, со кои Министерството за култура предводено од Зоран Љутков целосно го урива професионалниот и институционален интегритет на културниот систем во државата.
Скандалозните партиски поставувања на директори во националните културни институции се доказ за крајната неодговорност и негрижа кон културниот развој.
Наместо промена и професионализација, гледаме драстично понижување на стручноста и крајно деградиран културен систем под раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Прво, на чело на Националната филхармонија беше скандалозно поставен Мустафа Имери. Ова назначување предизвика оправдан револт кај стручната јавност и музичката фела .Но наместо повлекување,следуваше нов скандал – за директор на Националната галерија е поставен Али Синани, уметник кој нема ниту ден искуство во музејската дејност, ниту, пак, познавања од управување со институции од ваков калибар“, пишува во реакцијата на СДСМ.
Од опозициската партија прашуваат: Зарем ова е ветениот „нов пристап“ на Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ? Зарем не ветуваа крај на скандалите и професионализам во културата?
Во СДСМ сметаат дека реалноста е спротивна и единствено што направиле за една година од ВМРО-ДПМНЕ е промената на Законот за култура, „со цел да ги спуштат критериумите за избор на директори, за да можат полесно да поставуваат партиски лојалисти и роднински кадар“.
„Ваквиот однос е навреда за стручноста, понижување на културните институции и отворена демонстрација на клиентелизам и непотизам. Го повикуваме Министерството за култура и министерот Љутков итно да ги поништи одлуките за назначување на Мустафа Имери и Али Синани, да распише нови, транспарентни конкурси со јасни стручни критериуми и да престане со партиската окупација на културата. Културата не смее да биде трофеј во партиските борби – ВМРО-ДПМНЕ мора да разбере дека јавните институции служат на граѓаните, а не на партиските кадри. Институциите не смеат да бидат експериментална лабораторија за неспособни и неподготвени кадри“, повикуваат од СДСМ.
На ваквите реакции и барања од СДСМ за именувањата во културните институции, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ.
„Кој зборува за култура? СДС? Партијата која на чело на Министерството за култура ја имаше Бисера Антоанета? Со СДС, парите во културата завршуваа или за мечиња за Бисера, или за УЧК-песни. Јасно се гледа дека во Министерството за култура по нивната логика оправдано беше само да се трошат државни пари за плишани мечиња и шопинзи во Лондон. СДС кога зборува за култура нека се сети само што правеа нивните луѓе во оваа област. Ако им се веќе заминати, бидејќи е евидентно дека им се ситни партијата, нека ги прашаат оние кои знаат да гуглаат и да најдат на интернет. Само да потсетиме им се ситни поради послушникот на Заев, Филипче, кој само му го чува претседателското столче во СДС“, се наведува во возвратната реакција на ВМРо-ДПМНЕ.
Во одговорот на обвинувањата од страна на СДСМ, во ВМРО-ДПМНЕ велат дека „СДС ги игнорираше сите уметници кои немаа врски блиски до власта и формираше тесен круг на истомисленици и слепи поддржувачи, а сите кои не се сложуваа со нивните мислења беа прогонувани“.
„Институциите не се експериментална лабораторија, како што се вели во нивното партиско соопштение, туку се директен резултат на нивната партизација на истите. Или не се сеќаваат кога Бисера Антоанета делеше грантови без никакви критериуми, или кога делеше пари на новоформирани НВО, за сомнителни работи кои дополнително поткопаа што било, што е поврзано со култура. СДС од култура знае само партизација или непрофесионалност, и кражба за лични цели, а не за промоција на културни вредности“, реплицираат од ВМРО-ДПМНЕ.






