понеделник, 23 март 2026

СДСМ бара надзорна расправа за Законот за македонски јазик

Како што ВМРО лажеше дека ќе го врати името, така водеше и лажна кампања дека е загрозен македонскиот јазик. Денеска, македонскиот јазик е признаен од целиот свет и од Европската Унија. Но македонскиот јазик денеска е загрозен од Владата на Мицкоски, се вели во соопштението на СДСМ од денешната прес-конференција на пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска.

Објавено на

часот

Сподели

„Не се применува Законот за употреба на македонскиот јазик, закон кој значи заштита, унапредување, почитување и збогатување на македонскиот јазик. Законот беше донесен во јануари 2024, после 18 години со голем консензус од сите пратенички групи во изминатиот состав на Собранието, со широка дебата, и со вклучување на сите предлози на сите засегнати од овој закон.

И што имаме денес? Имаме целосно игнорирање на сите одредби од законот.

Има именувана директорка на Инспекторатот, има работна верзија од стратегијата за македонски јазик која започна да се работи пред само две недели. И толку“, реагира поранешната министерка за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Таа вели дека инспекторатот не функционира, нема вработени, нема лектори, не се почитува ниту употребата во јавни настани. Она што, според неа е позагрижувачки дека никој не реагира.

„И кога сакавме да разгледаме како оди имплементацијата на овој закон, сфативме дека нема ништо спроведено. Навистина ништо. Секој буџет од 2024 наваму и секој ребаланс гледаме кратење на пари. Нема пари за примена на Законот за македонски јазик, ама има за тендери. И кога некој би поднел пријава за кое било од овие непочитувања на законот, нема кој да постапи!

На барање на владејачкото мнозинство се направи промена во законот за примена на македонскиот јазик со кој нивото на инспекторатот се намали со ветување дека тоа се прави само и само да профункционира! И повторно не функционира“, вели Костадиновска-Стојчевска.

Затоа, денеска пратеничката група на СДСМ и коалицијата поднеле барање за надзорна расправа за примената и имплеметацијата на одредбите од законот за употреба на македонскиот јазик.

„Ние не клечевме и не молевме за власт, ветувајќи промена на името. Ние ја штитиме Македонија преку НАТО и ја сакаме Македонија во ЕУ. Тоа се национални интереси и тоа, меѓу другото, е и заштита на јазикот. Го поднесуваме ова барање за да се најде решение, и конечно законското решение да почне да функционира. Ги повикувам сите пратеници да го поддржат ова барање, се работи за македонскиот јазик!“, велат од СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ