Благодарение на објавените факти и притисокот, конечно се постапува. Но, останува фактот дека четири месеци директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев, министерот Панче Тошковски и целиот врв на ВМРО-ДПМНЕ се обидуваа да ги заштитат и да ја прикријат одговорноста, се наведува во соопштението на СДСМ.
„Тие бранеа и криеја свои функционери, лажеа јавноста и вршеа притисоци врз Обвинителството за да не се постапува против нивните кадри кои се докажано директно одговрни за пожарот во кој изгореа 62 деца. Александар Јанев, како прв човек на БЈБ, има директна одговорност за своите подредени. Тој ги поставил, тој давал наредби – и затоа мора да понесе оставка и да следи кривична одговорност. Истото важи и за Панче Тошковски, кој целиот период ја штитеше структурата во полицијата и тврдеше дека нема вина. Христијан Мицкоски, пак, со недели ја користеше трагедијата за политички напади, обвинувајќи ги сите освен оние што ги поставил на функција. Ги лажеше родителите, ја манипулираше јавноста и се обидуваше да ја задуши вистината. Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски – нема целосна правда. А правда за Кочани мора да има“, велат од СДСМ.
Реагираа и од Левица. Претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, со статус на социјалните мрежи реагираше за последните приведувања на полициски службеници, поврзани со трагедијата во Кочани.
„Сите наведени валкани полицајци од кривичната пријава на Левица против премиерот Мицкоски се уапсени. Вака ли ‘сѐ беше чисто’ и никого не штитевте за трагедијата во Кочани!?“, пишува Апасиев на својот фејсбук профил.
Во статусот, претседателот на Левица јавно ја прозива власта зошто дури после три месеци постапува и праша колку докази се уништени во меѓувреме.
На 28 мај, пратеничката група на Левица поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски за кривично дело попречување на правдата, поврзано со трагедијата во Кочани. Во поднесената кривична пријава, Левица наведе повеќе функционери кои не беа опфатени тогаш во истрагата. Меѓу нив беа началничката на полицијата во Кочани, началникот на Одделот за криминалистички работи во Кочани, началникот на штипската полиција, главната инспекторка за економски криминал во Кочани, сменоводителот во полициската станица Кочани, сопственикот на приватната агенција за обезбедување и директорот на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Влатко Стојковски.
Во Кочани вчера се случија нови апсења во рамки на истрагата поврзана со неодамнешната несреќа во дискотеката Пулс во Кочани. Вкупно 13 лица се приведени, меѓу кои и повеќе полициски службеници кои биле на смена во критичниот период.