недела, 14 декември 2025
Реакција на СДСМ за заканата за губење на статусот на Охрид во УНЕСКО

СДСМ бара итна реакција од Владата за стопирање на сите урбанистички дивеења во Охрид

Власта предводена од ВМРО ја носи државата до нова национална срамота. Охрид, еден од најзначајните симболи на македонскиот идентитет, култура и природно богатство, е на чекор од губење на статусот на заштитено светско наследство, благодарение на неспособноста, неодговорноста и урбанистичкиот дивјачки порив на оваа власт, реагираат од СДСМ.

Објавено на

часот

Сподели

Исто така, во реакцијата се наведува дека во најновиот нацрт-документ на УНЕСКО, јасно се посочува дека властите во Македонија не ги исполнуваат своите обврски, не го почитуваат ниту најосновното: да ги стопираат деталните урбанистички планови, да спроведат проценки на влијанија, да ја запрат бетонизацијата, да ги отстранат дивоградбите и да ја спасат природната рамнотежа на Охридскиот регион.

„Во декември 2024, УНЕСКО јавно препорача вклучување на Охрид во листата со опасност, оценувајќи дека е во висок ризик поради: урбанизација без контрола, еутрофикација од отпадни води, загрозување на биодиверзитетот, недостиг од трансгранична соработка.

Наместо да го почитуваат уставниот и меѓународен долг да го заштитат Охрид, Мицкоски,  неговите министри и неговиот градоначалник Пецаков, со одобрување или молк, го бетонираат крајбрежјето, го газат Студенчишкото Блато, и ги игнорираат сите предупредувања од меѓународните тела. Власта не само што не ја почитува стручната јавност и граѓаните, туку директно ја загрозува економијата, туризмот и иднината на целиот регион“, се вели во рекацијата на СДСМ.

Истовремено се наведува во рекацијата дека претходната влада предводена од СДСМ не само што успеала да го задржи статусот на Охридскиот регион, туку и имала и акционен план усвоен на Влада, во декември 2023 каде јасно биле зацртани целите и задачите на сите засегнати страни.

„Националната комисија за УНЕСКО во претходниот мандат постојано заседаваше и токму нејзината работа беше оценета со најпозитивни оценки во извештајот минатата година. Новата комисија за година дена владеење на ДПМНЕ не одржа ниту еден состанок! Ниту е одржан нов управувачки комитет заедно со Албанија. Ниту е помрднато со спроведување на мерките од акциониот план, кој е владин документ и кој не препознава партија- туку само работа! Средбите кои министерот за транспорт и врски, Александар Николовски ги имаше со највисокото раководство на лицата задолжени за охридскиот регион, не само што не вродија со плод, туку како и секоја друга состојба која претходната влада ја осигура, само беа искористени за себепромоција и за расипување на веќе направеното“, се вели во партиското соопштение на СДСМ.

Според опозициската партија, во случајот со Охрид и УНЕСКО се отвораат веќе затворени прашања.

„Нема усогласување на законите. Ги повлекоа од Собрание предлог-законите за Охридското Езеро (како „споменик на природата“) и за Студенчишко Блато (како „парк на природата“).

Ова е историска неодговорност. Наместо да ги исполнат обврските и да го сочуваат статусот на УНЕСКО, тие спроведуваат шеми за урбан криминал, поттикнуваат градежна анархија и ја претвораат охридската убавина во урбан хаос.

СДСМ бара итна реакција од Владата, со конкретни мерки, стопирање на сите урбанистички дивеења и целосно спроведување на препораките на УНЕСКО. Доколку Мицкоски не знае или не сака, нека се тргне. Охрид не е политичка жртва. Охрид е светско наследство и ќе го браниме со сите демократски, институционални и меѓународни средства. СДСМ останува гласот на разумот, заштитата и иднината на Охридскиот регион“, се порачува во реакцијата на СДСМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ