недела, 7 декември 2025

СДСМ бара ДКСК и ЈО да покренат истрага за судир на интереси против Томовски, тој најави тужба за клевета

Антикорупцискиот тим на СДСМ објави нова бомба, нови факти, докази и документи, како семејната фирма на Томовски го чисти буџетот. Или со бројки, 5.3 милиони евра, 161 тендер. Толку многу има добиено семејната фирма на Томовски. Особено им тргнало чистењето на буџетот откако ДПМНЕ дошла на власт, за 306% во2024 година! А оваа 2025 година има тендери од речиси половина милион евра, истакна на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска. По ова, директорот на владината Служба за општи и заеднички работи најави тужба за клевета и негира дека има директна врска со компанијата за одржување хигиена, „Сити аутсорсинг“ за која СДСМ обвинува и тврди дека е семејна фирма на Томовски.

Објавено на

часот

Сподели

Кузеска рече дека СДСМ нема да му се извини на Томовски, како што претходно побара тој, туку партијата ќе продолжи да се бори против криминалот и корупцијата.

„Наместо извинување денеска ќе објавиме уште еден податок, уште еден факт, уште еден доказ. Меѓу телефонските броеви коишто се наведени во оваа семејна фирма, ‘Сити аутсорсинг’ е бројот 078-362-710. Го проверивме овој број на кој излегува фотографија на Ивица Томовски. Не дека ова беше неопходно за да се потврдат семејните врски на Ивица со неговиот татко Витомир ниту пак со неговиот роднина Кутаносски кои се во оваа фирма. Затоа, Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство мора да покренат истрага за конфликт на интерес и за корупција во врвот на владата на Мицкоски. Кој сега ќе се извинува Томовски? Само на граѓаните може да им се извините! Но ќе дојде и тоа, кога ќе одговарате, сите до еден! Работата не е завршена!“, рече Кузеска.

По ова, директорот на владината Служба за општи и заеднички работи најави тужба за клевета и негира дека има директна врска со компанијата за одржување хигиена, „Сити аутсорсинг“ за која СДСМ обвинува и тврди дека е семејна фирма на Томовски.

„Јас не сум сопственик, не приходувам и немам никаква директна врска со споменатата компанија. Досега не чув каков криминал сум направил, ниту пак видов докази за тоа. Во тоа нивно растурање пердуви, вчера жигосаа уште една домашна компанија која не е моја, а денес јавно го објавија мојот телефонски број, број кој е познат на сите кои ме познаваат, кој го имам со години и кој е единствениот број што го поседувам, доделен пред многу години од мојот татко. На истиот тој број можеа да се јават и да се извинат, но тие одбраа да одиме по судски пат. Затоа уште еднаш повторувам, ќе одговараат, и следува тужба. ‘Јака’ работа завршил антикорупцискиот тим на СДС – го нашле мојот број што сите го знаат и е на мое име“, пишува во фејсбук објавата Томовски.

Во однос на тендерите, Томовски вели дека не гледа криминал во тоа што фирма која не е негова учествува и победува на тендер.

„Од оваа партија два дена повторуваат дека не им се извинуваат на криминалци. Да бидам искрен, знаејќи од каде доаѓа сето ова, и од стравот и фрустрираноста на ваквите ‘тастатура-политичари’, не ни очекував извинување. Затоа што, за да го направат тоа, е потребно образ, храброст и морален дигнитет, нешто што одамна е докажано дека го нема ниту Заев, ниту неговиот најдобар ученик со најлоши навики, Венко Филипче. Затоа што, ако имаа барем дел од тоа, прв Филипче ќе се извинеше за Заев, кој од Дубаи, освен што командува партија и бизниси, пишува и соопштенија. Едниот објавуваше ‘бомби’, разговори. Другиов, наследникот, објавува пуфки и прскалки што треба да разнесат пердуви, по што човек тешко може да се објасни. Тоа е облакот во кој јавноста треба да поверува дека ‘сите се исти’, дури и тогаш кога разликата е над двесте илјади гласови, колку што беше разликата со која загубија на последните избори, доказ дека се маргинализирана и од народот заборавена партија“, напиша Томовски на фејсбук.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ