„После денешниот театар на македонската граница веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор. СДСМ ова го најави уште во декември 2024 година. Сега само се потврди пред очите на македонската јавност.
Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати. На овој начин ВМРО со поддршка од ДУИ сака да го покрие најголемиот наркоскандал со 5 тони дрога кој води до врвот на Владата на Мицкоски. Но и бројните скандали со криминални тендери за кои повеќе од 80 дена нема никакви оддговори.
161 тендер за семејна фирма на Томовски, 51 тендер за „Пирамид Билдинг“, 74 тендери за ‘Ленди Груп’, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра тендер преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ.
Сите тендери водат до најтесниот круг околу Мицкоски а повеќе од 80 дена нема реакција од обвинителството. Повеќе од 20 дена нема одговори за 5 тони дрога, нема одговори за сликите со Симе, за Адамовиќ…
Граѓаните нема да добијат одговори на прашањата но ќе добијат театар, како денеска“, гласи првичната реакција на СДСМ за приведувањето на поранешниот вицепремиер Артан Груби, на граничниот премин на Македонија со Косово.

Според согледувањата на СДСМ, бегството, а и сегашното приведување на Артан Груби, било дел од политички договор.
„По денешниот театар на македонската граница, веќе на сите им е јасно дека бегството на Артан Груби беше политички договор. Како што се договорија да го пуштат, така сега се договорија да се врати. ДУИ го спасува Мицкоски. Му фрлија гума за спасување“, посочи портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција.
Таа потсетува дека СДСМ ова го најавил уште во декември 2024 година, а сега само се потврдува пред очите на македонската јавност. Во неколку наврати потенцираат од опозициската СДСМ дека враќањето на Груби е договорено „меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ и очигледен дефокус од најголемите скандали на власта“.
„Како нема ниту една камера од 65 илјади камери за 5 тони дрога а има камери за Груби?“, праша Кузеска.
На крајот, Кузеска порача дека одговорност мора да има.
„Ова нема да помине. Секој што го прекршил законот ќе одговара“, истакна портпаролката на СДСМ.
На прес-конференцијата со многу прашања од СДСМ, возвратија со едно соопштение од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги разбираме од СДС, тие се нервозни и фрустрирани зошто Артан Груби е уапсен, и сега може да изнесе податоци за аферите и криминалите за кои здружно работеа со Зоран Заев, Вице Заев, Оливер Спасовски, Венко Филипче. Затоа од СДС се обидуваат да ги затскријат трагите и на овој начин да се спасат себеси“, се наведува во писмената реакција на ВМРО-ДПМНЕ,






