петок, 23 јануари 2026

Савовска-Димитровска: Очекувам дека Судскиот совет ќе донесе одлука без влијание од центри на моќ

Три жалбени совет при Врховниот суд ги усвоија жалбите за мое разрешување и предметот го вратија на повторно одлучување, рече денеска на прес конференција судијката на Апелацискиот суд Скопје, Наташа Савовска Димитровска која Судскиот совет ја разреши од функцијата поради нејзината пресуда за предметот во кој „Македонски Телеком“ изгуби судски спор за надомест на штета поради злоупотреба на монополска положба. Таа очекува Судскиот совет да донесе одлука, како што вели таа, без влијание на центри на моќ.

 

Објавено на

часот

Сподели

Судијката Наташа Савовска Димитровска на денешната прес конференција рече дека со цел да се спречат шпекулации и невистини што го нарушуваат нејзиниот личен углед и угледот на судството, се откажала од тајноста на постапката што е загарантирана со закон.

Зборувајќи за одлуката на Врховниот суд за враќање на постапката за нејзино разрешување пред Судскиот совет, Савовска Димитровска кажа дека врховните судии во својата одлука дале обврзувачки напатствија кои Судскиот совет мора да ги почитува. Притоа, таа укажа на, како што рече, три сериозни повреди, судир на интерес, надминување на надлежностите и неизвршена анализа на доказите.

„Постапката е поведена по барање на член на Судскиот совет кој не побарал изземање и покрај постоење на очигледен судир на интерес, за што постојат конкретни и јавно достапни докази. Врховниот суд наложи негово изземање од понатамошно постапување, што по автоматизам го прави барањето за одговорност недозволено. Судскиот совет недозволиво навлегол во оценување на законитоста и правната основаност на судската пресуда, што е надвор од неговите законски надлежности. Различното правно толкување не може да претставува основа за дисциплинска или кривична одговорност на судија. Во укинатата одлука не била направена анализа на доказите, што Судскиот совет е должен да го стори при повторното постапување. Дополнително, постапката се води за предмет по кој сè уште трае ревизиска постапка пред Врховниот суд, што не е дозволено според новиот Закон за Судскиот совет и претставува директен притисок врз судиската независност“, рече Савовска Димитровска.

Како што објасни разрешената судијка. пресудата против „Македонски Телеком“ се темели на претходно правосилно утврдена злоупотреба на монополска положба од страна на надлежни институции, додека Апелацискиот суд Скопје одлучувал исклучиво за висината на штетата, врз основа на изведените докази.

„Сите наводи за незаконитости, фалсификувани записници или прекршување на судските процедури се неосновани. Очекувам Судскиот совет, при повторното одлучување, да постапи професионално, законито и без влијание од центри на моќ, во интерес на правдата, судството и јавноста“, рече Савовска Димитровска.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ