Се почести се повиците за ревизија на обвинението, не со цел некој да се спаси од одговорност, туку за да се заштити самиот процес и да се обезбеди правдата да стигне побрзо, појасно и поодржливо до конечен исход.
Уште пред да биде избран на функцијата, Савевски како судија во Кривичниот суд Скопје, јавно укажа на потребата од подетално согледување на случајот.
Во гостување на Телевизија 24 на 24 февруари годинава, говорејќи за предметот Пулс, Савевски изјави дека би сакал да има увид во тоа како дошло до кривичните дела кои им се ставаат на товар на обвинетите.
„Секако би имал непосредна средба со обвинителите кои работеле во текот на истрагата, и сега како застапници на обвинението да добијам една јасна претстава како излезе оваа правна квалификација“, изјави Савевски.

Неговата изјава дополнително ја отвора дебатата за тоа дали актуелното обвинение е поставено на цврста правна основа или е потребна негова прецизна ревизија пред да продолжи судскиот процес.
Во дискотеката „Пулс“ во Кочани лани во март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Болката на семејствата не стивнува, додека судскиот процес е во тек. Првиот главен судски процес започна на 19 ноември минатата година, а за овој месец се закажани уште две нови постапки, во кои ќе им се суди на полициски службеници.
Во тековната постапка, на 35 физички и три правни лица им се суди за кривично дело тешки дела против општата сигурност, односно за помагање во извршување на истото дело. Според обвинителниот акт што го поднесе Основното јавно обвинителство Кочани, се опфаќа период од 13 години — од 2012 до март 2025 година — и се наведува дека повеќе одговорни лица, меѓу кои службени и раководни лица од различни институции, не постапиле согласно прописите и техничките правила за заштита, со што придонеле за создавање опасност по животот и имотот.
Обвинети во предметот се лица поврзани со работењето на дискотеката, претходни сопственици и менаџмент, лица од локалната самоуправа, како и службени лица од надлежни институции, вклучително и оние кои учествувале во издавање дозволи или контроли во изминатите години.
Редакцијата на МКД.мк неодамна на оваа тема побара став од двајца одлични познавачи на правото, адвокатите Јанаки Митровски и Владимир Туфегџиќ, за тоа дали на сите обвинети во постапката за трагедијата во Кочани, треба да им се суди за исто кривично дело.
Адвокатот Јанаки Митровски во својата изјава тогаш оцени дека ваквото поставување на обвинението е проблематично од аспект на кривично-правната конструкција на соизвршителство. Тој посочува дека според член 22 од Кривичниот законик, соизвршителство подразбира заедничко и директно дејствување во извршување на делото, што, според него, е тешко применливо меѓу лица кои временски се оддалечени со повеќе години.
„Нема сериозен правник кој не го критикува вака поставениот диспозитив на обвинението за предметот познат како Кочани, бидејќи ако дословно се чита Кривичниот законик и членот 22, јасно е дека соизвршителство дека повеќе лица заеднички дејствуваат и заеднички сторат кривично дело. Значи обвинителот сака да не убеди дека сопственикот на дискотеката заедно со сопственикот на објектот или со тој што работел на врата, заеднички го сториле кривичното дело по член 292 со, некој министер од 2013 година или оној што издал дозвола или некој инспектор. Тоа во пракса е невозможно да се докаже и сите знаеме дека вака поставеното обвинение е исклучиво поради притисок од јавнода дека мора да има предмет кон поголема група на луѓе. Многу добро знаат колегите обвинители дека најголем дел од дејствијвата кои бележат други кривични дела, дали е поткуп, дали е давање кагрда, противзаконито влијание за давање на дозволи… сите до едно се застарени и така ќе требаше само да одговараат сопственикот на дискотеката, менаџментот и евентуално обезбедувањето, со што ќе си навлечеа гнев од јавноста. Недозволиво е еден обвинител да носи ваква одлука и да се води од судот на јавноста, а не од фактите кои ги има на терен бидејќи ова доведува до преобемен предмет. Тука може некој да се разболи и за тоа нема да може да се замерува бидејќи имаме многу обвинети и адвокати“, изјави неодамна за МКД.мк адвокатот Митровски.
Тој додава дека не е проблем обвинетите да се гонат по член 292, но не може да има соизвршителство и тоа тешко ќе се докаже.
„Се дозволува да се прави притисок од јавноста, а главен виновник за тоа е Љубомир Коцевски кој ги стави пред свршен чин обвинителите, 13 или 15 и по секоја цена за три месеци да мораа да ја завршат истрагата и дека мора да се покрене обвинение пред истек на 4 месеци, небаре не постојат други мерки за обезбедување на присуство и ги исфорсира обвинителите, кои делумно сносат вина бидејќи прифатија таков диктат, а по Новиот закон за јавно обвинителство тој нема право да им се меша во работата“, дополнува адвокатот Митровски.
Тој смета дека дел од евентуалните други кривични дела поврзани со дозволи или влијание би можеле да бидат застарени, и дека проширувањето на предметот создава ризик од преобемна постапка. Според него, обвинението не смее да се води под притисок на јавноста, туку исклучиво врз основа на докази.
„За поздрав е одлуката на обвинтелката Ивана Трајчева од ОЈО ГОКК која ослободи дел од полициските службеници и јас го поддржувам фактот дека дел од полицајците немале надлежности за спречување на пожарот или генерално да одговараат за кривичното дело предизвикување на општа опасност, а повразн до членот 292 тешки дела против општата сигурност. Правен нон-сенс е да се земе 13 години наназад период и да се отвори една преширока постапка и да се опфати се во обвинителниот акт. Крајно хазардно е ваквото постапување на ЈО бидејќи ќе ризикува предметот во повисоките инстанци, а дискутабилно е колку во прв степен ќе се има храброст да се донесат ослободителни пресуди и се согласувам со ставот дека за дел од обвинетите требаше да има запрена истражна постапка, односно отфрлена кривична пријава“, дополнува долгогодишниот адвокат.
Владимир Туфегџиќ: Делот за одговорност од 2012 година е спорен, потребно е преиспитување на обвинението
Став за основаноста на обвинението изнесе и дологодишниот судија и адвокат Владимир Туфегџиќ, кој оценува дека делот од обвинението што се однесува на „верижна одговорност“ од 2012 година е правно спорен, особено во однос на поранешни министри и функционери од тој период.
Туфегџиќ информира дека, како бранител во предметот, на 1 февруари 2026 година поднел барање за преиспитување и надзор над законитоста на обвинението до Републичкото јавно обвинителство и до Вишото јавно обвинителство Штип, повикувајќи се на Законот за јавното обвинителство. Тој нагласува дека за кривично дело тешки дела против општата сигурност мора да постои директна причинско-последична врска меѓу непостапувањето по прописите и настанатата смрт.
К.Д.






