„Тоа за мене е една голема одговорност и во овој момент сакам да ги повикам сите јавни обвинители заедно со мене кои и додека ја давам оваа изјава ја работат својата работа. Нивната работа ниту почнува ниту завршува со мене. Секој јавен обвинител има законска обврска да постапува по тековните предмети. Го познавам обвинителскиот состав и верувам во истите и заедно со нив сигурен сум дека ќе ги задоволиме очекувањата на граѓаните во чие име, Устав и закон постапуваме ние јавните обвинители“, изјави Савески.
Тој им се заблагодари своите довчерашни колеги судиите, судиите од Основниот кривичен суд Скопје, на Владата, која го предложи и пратениците кои го поддржаа.
Новиот државен обвинител рече дека очекувал поширока поддршка, а интересите на политичките партии не се предмет на негов интерес, како што кажа „ниту вчера, ниту денес, ниту во иднина“.
„Во секој случај секој кажан збор во поглед на вчерашната расправа за мене беше вреден и ценет и од големо значење. Товар не чуствувам. Политиката на политичките партии не била никогаш мој интерес, нема ни вчера, ни денес да биде ниту во иднина, како што кажав и претходно. Реалноста е таа, меѓутоа за мене, без оглед колку гласови сум добил, одговорноста моја и мојата работа во иднина пред се зависи од тоа што како законска обврска е предвидено во делот на моето постапување. Пред себе секогаш, и до сега и во иднина ќе го имам Уставот, законите и секако меѓународните стандарди и сите оние меѓународни документи кои се дел од нашиот правен поредок“, рече Савески.
На новинарско прашање за тоа кои случаи ќе имаат предност и да ги коментира вчерашните повици од пратениците на кои предмети да се фокусира, Савески рече дека во вчерашната изјава за МИА рекол дека за него секој предмет има еднакво значење.
„Нема да прави приоритети на предмети. Се знае само кога има законски основ, кои предмети имаат приоритет. Селекција не се прави на тој начин. Ниту од кого би бил повикан како да постапам, напротив има законски регулативи врз основа на коишто секој јавен обвинител постапува. Тие важат и вчера и денес и утре и во иднина, така што јавноста вклучително тука и политичката јавност има право да има очекувања, да го коментира постапувањето на јавното обвинителство и јавните обвинители генерално, меѓутоа сепак секој јавен обвинител пред себе ги има законските регулативи за законот за јавно обвинителство, законот за кривична постапка и Кривичниот законик и меѓународните стандарди во секојдневното постапување“, кажа новиот јавен обвинител.
Савески рече дека неговиот план за работа е модернизација на Јавното обвинителство, со дигитализација на управување со предметите и доделување на јавните обвинители, преку која што програма би се следела, а исто така кажа и дека ќе ја гарантира транспаретноста и отченоста за работата на секој јавен обвинител во секој конкретен предмет.
Во однос на буџетот на Јавното обвинителство и новиот закон, новиот државен јавен обвинител рече дека очекува поддршка од страна на другите институции кои се задолжени за тоа, како и да го види конечниот текст на новиот закон за јавни обвинители.
„И од тука да се почне, да видиме што предвиделе пратенците со донесување на законот, која ќе биде конечната верзија и од тука да се креираат плановите. Факт е дека на обвинителството му требаат финансиски средства, борбата против криминалот бара финансиска поддршка. За да се бориме ефикасно против криминалот мора да има услови за тоа. Еден од условите е да имаме финансиска можност да се бориме да го следиме чекорот, секој што го прекршил законот да биде гонет“, рече Савески.
Собранието вчера го избра јавниот обвинител Савески со 66 гласа за, двајца против и осум воздржани.
Савески ќе биде деветти републички обвинител на Македонија од независноста во 1991 и 19-ти од 1945 година. Неговиот избор следува по оставката на поранешниот обвинител Љупчо Коцевски.
Во согласност со Законот за Јавното обвинителство, член 63, мандатот на државниот обвинител е шест години, со право на повторен избор.
Савески, кој досега беше судија во Основниот кривичен суд – Скопје, за државен јавен обвинител беше номиниран од Владата на 10 март. Во постапката за избор, покрај Савески, позитивно мислење од Советот на јавните обвинители добија и сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска и обвинителката од скопското Обвинителство, Лидија Раичевиќ.
Ненад Савески е роден 1976 година, живее во Гостивар и е магистер по правни науки – казнено право. Магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ во Скопје, каде што ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Од 2016 година е судија во Основниот кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција. Претходно, од 2009 до 2016 година работел како јавен обвинител во Основното јавно обвинителство, а од 2004 до 2009 година бил стручен соработник во Основниот суд Гостивар. Во овој суд од 2000 до 2002 година работел како судски приправник.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески, наведено е дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Советот на Европа, ОБСЕ и УСАИД.
Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера, Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
Тој е автор и коавтор на трудови за посебни истражни мерки, слобода на изразување, клевета и навреда, конфискација на имот, право на приватност, како и на повеќе водичи и стручни публикации.
Зборува македонски, англиски, германски, српски и основен албански јазик.






