Савески, кој неодамна е избран за државен јавен обвинител, смета дека долгогодишната пракса на лесно одобрување затворски притвор мора да се преиспита, особено пред судовите во Стразбур и Европската конвенција за човекови права. Како поранешен судија во Основниот кривичен суд Скопје, тој често одбивал такви барања од Обвинителството, аргументирајќи дека притворот е најскапата и најригорозната мерка.
Гаранциите, според обвинителот, ефективно спречуваат бегства, бидејќи осомничениот ризикува да го загуби имотот, недвижен или подвижен кој станува државна сопственост. Ова не само што штеди пари на државата, додава тој, туку и го подобрува имиџот на земјава пред меѓународниот фактор, каде што услови во затворите често се критикувани.
Во врска со перцепцијата дека поблагите мерки служат за политичка заштита, Савески објасни дека тие се стандардна пракса во правото и дека ќе ги воведе како официјален пристап во Јавното обвинителство за поголема отчетност и хуманост.
Савески најавува дека ќе се одржи средба со обвинителите кои постапуваат во еден од актуелните предмети за пожарот во Кочани, со цел подобро запознавање со моменталните околности и текот на доказната постапка. Според оценките, предметот се наоѓа во рана фаза, а дополнителни ставови ќе можат да се формираат кога ќе постои поцелосен увид во материјалите и фактите.
Нагласува дека не постои намера за влијание врз работата на обвинителите и дека секој од нив треба да одлучува независно, согласно принципите на самостојност и професионалност. Во рамки на институцијата постои хиерархиски систем, но целта е, вели државниот обвинител, тој да не влијае на независното постапување и да се овозможи донесување одлуки исклучиво врз основа на докази.
Во врска со јавните реакции, појаснува дека професионалната улога подразбира воздржување од емоции, иако во одредени предмети јавноста покажува засилен интерес поради самата природа на случаите.
Савески вели дека се надева дека извршната власт ќе ја разбере важноста за стабилно и финансиски поддржано Јавно обвинителство. Неговиот аргумент, за кој рече дека ќе му го каже и на премиерот Мицкоски, е дека не може сиромашно обвинителство соодветно да се за бори против богатиот криминал.
„И претходно сум кажал и денес сакам да повторам – основната работа на јавните обвинители е да откриваат и гонат сторители на кривични дела. Со недоволни финансиски средства не може да се очекува квалитетно вршење на овие активности. За да може да се следи криминалот и чекорот по кој се движи криминалот, ние мора да имаме финансиски средства. Факт е дека криминалот е богат. Факт е дека и од претходните раководители на јавното обвинителство беше истакнувано дека се потребни финансиски средства. Така што, апсолутно стојам на тоа дека јавното обвинителство треба финансиски да се поддржи онолку колку што е потребно, а услови за гонење и за откривање на криминалот мора да се создадат. Една од основите, секако, е финансиската поддршка“, нагласи Савески.
Во однос на изјава на премиерот дека нема простор за повисоки плати за обвинителите, но има за зајакнување на ресурсите, Савески изјави дека финансискиот статус на јавните обвинители исто така е битен.
„Финансискиот статус на јавните обвинители е и една од гаранциите за нивно независно постапување. Платите какви што се денес не можат да бидат оправдување за некој јавен обвинител соодветно да не си ја врши професијата, односно јавнообвинителската работа. Тоа дека треба да се подобри финансискиот статус на јавните обвинители, треба и тоа вообичаено е во чекор со финансискиот статус на судиите. Статусот на јавните обвинители од финансиски аспект не треба да се разликува од статусот на судиите. Тоа се стандарди кои важат во сите демократски општества. Ние сме дел од демократските општества и се стремиме кон градење на демократски стандарди“, нагласи Савески.
Во моментот во Собранието во тек е процедура за усвојување на нов закон за јавно обвинителство, во кој буџетот на јавното обвинителство е определен како најмалку 0,4 отсто од даночните приходи за тековната година, а Савески вели дека тоа не е финален текст и оти очекува дури и се надева дека тоа ќе биде коригирано.
„Овие денови доста се расправа токму за тој дел од законот и очекувам дека пратениците ќе имаат разбирање за потребите од финансиска реална поддршка, како што кажав и претходно, односно и законодавната и извршната власт имаат задача да создадат услови јавното обвинителство да ја врши својата дејност онака како што очекуваат граѓаните на нашата држава“, нагласи Савески.
Државниот обвинител Савески уште кажа дека во текот на процесот на избор немал никакви контакти со Владата, ниту со премиерот, Христијан Мицкоски.
На прашањето дали бил контактиран од Владата, односно од премиерот, Савески кусо одговори, не.
Савески изјави дека и самиот бил изненаден од таквиот развој на настаните, но го оценува како знак на водење грижа за интегритетот на процесот.
„Меѓу тие многумина коишто биле зачудени, бев и јас. Да бидам искрен, очекував да бидам повикан од професионален аспект, како некој којшто евентуално би бил предложен или разгледуван да биде предложен, сметав дека е сосема легитимно да бидам повикан и да имаме средба на којашто јас би ги презентирал своите идеи“, вели Савески.
Тој смета дека ваквиот пристап од Владата имал за цел да избегне сомнежи за политичко влијание врз неговата кандидатура.
„Јас така гледам на тоа и искрено, мене тоа ми причинува огромно задоволство и верувам дека намерите на Владата со таквиот однос кон мене се токму да се испрати порака дека не сакаат да остават простор дека јас сум нивни предлог откако се остварила некоја средба или има некоја позадина“, нагласи Савески.
Во однос на идната комуникација со институциите, државниот обвинител најавува дека самиот ќе иницира средби со претставници на извршната власт, но исклучиво во насока на институционална соработка и реформи.
„Ниедна институција не може изолирано да функционира. Соработката помеѓу институциите е неопходна, просто самиот ‘чекс-енд-балансис систем’ на којшто уставно е изграден нашиот правен поредок бара меѓуинституционална соработка. Јас би побарал лично средба со премиерот и конкретни министри со коишто би сакал да поразговарам откако ќе ја мапирам состојбата во Обвинителството“, рече Савески.
Сепак, потенцира тој, на таквите средби нема да се разговара за конкретни предмети.
„Секако не. Секако не“, одговори државниот обвинител.
Во однос на критиките од премиерот за правосудството, тој вели дека нема да ги коментира директно, но смета оти секоја критика треба да се анализира.
„Секоја критика, според мене, е само начин да видиме каде сме, каде треба да се коригираме и во кој правец треба да продолжиме“, изјави Савески, нагласувајќи дека тие не смеат да влијаат врз независноста на обвинителството, туку да послужат како основа за подобрување.
МИА






