вторник, 31 март 2026

Савески најави дека ќе ги одземе предметите на обвинителите кои не се од нивните обвинителства

Ненад Савески, новиот државен обвинител, денеска најави дека ќе им ги одземе сите овластувања на обвинителите кои водат предмети што не се од нивните матични обвинителства. Ова, меѓу другото значи дека предметите „Талир 1“ за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ и „Талир 2“ за незаконско финансирање на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе ѝ бидат одземени на Ленче Ристоска и дадени на други обвинители.

Објавено на

часот

Сподели

„Немам одлука за иземање на Ристоска од предметите. Ќе ги повлечам сите овластувања за сите предмети, освен тие за Кочани, Ресен и Крива Паланка.  Правилото ќе важи за сите обвинители со дадени овластувања. Не може шеф на вишо обвинителство да застапува обвинение во друго. Па или шефувај, или оди на судења застапувај. Морам да знам кој што работи и еднаш засекогаш да се стави ред во Обвинителството“, рече Савески на денешниот брифинг со новинарите.

Тој најави дека одлуката веќе е донесена и дека ќе ја дистрибуира во обвинителствата.

„Јавниот обвинител е менлива категорија. Предметот мора да има континуитет независно од тоа дали обвинителот е реизбран или не“, истакна Савески, додавајќи дека секој обвинител има обврска да се соочи со предизвиците на работата, вклучително и со преземање веќе активни предмети.

Говорејќи за континуитетот на предметите што ги водеше обвинителката Ивана Трајчева кои се однесуваат на полициските службеници во случајот „Пулс“, поврзани со трагедијата во Кочани, Савески посочи дека не смее да се создава впечаток дека само еден обвинител може да обезбеди квалитетно постапување.

„Ивана е извонреден обвинител. Мојата почит кон нејзината работа е позната. Но обвинителството не смее да зависи од едно лице“, рече тој.

На прашањето како ќе постапи со кривичните пријави поднесени од СДСМ за кои тие тврдат дека не се процесуираат (т.е. се држат во фиока) Савески одговори дека во Обвинителството немаат фиоки, дека немаат ни шкафови и дека нема што да отворат. Тој порача дека не го интересира дали повикувањата доаѓаат од опозиција, позиција или премиер и дека Јавното обвинителство нема да постапува поради нив, туку по допрен глас, само ако утврди дека има основа.

Савески најави и уредување на системот на овластувања во обвинителствата. Според него, затекнал „хаотична состојба“ со голем број дадени и повлечени овластувања без единствена евиденција. Најави дека сите овластувања ќе бидат повлечени и повторно разгледани, со исклучок на овластувањата во Кочани, Крива Паланка и Ресен, каде што поради недостиг на обвинители е неопходно продолжување на досегашниот модел.

Посочи дека за предметите од висок јавен интерес, како и за тековните случаи поврзани со тешки несреќи и организиран криминал, ќе се обезбеди несметано постапување. Нагласи дека нема да дозволи да се создаде впечаток дека некој предмет останал без обвинител.


ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ