Како што соопшти МЕП, на состанокот учествуваа претставници на Владата, амбасадори на земји членки на ЕУ, претставници на Европската Унија, како и партнери од системот на Обединетите Нации, вклучително и Канцеларијата на ОН за проектни услуги (УНОПС).
Министерот Сали во обраќањето нагласи дека европската интеграција останува највисок стратешки приоритет на Македонија и дека по завршувањето на скрининг-процесот, фокусот се насочува кон конкретна имплементација на реформите.
„Сега влегуваме во одлучувачка фаза – од идентификување на празнините преминуваме кон нивно затворање. Тоа бара силен институционален капацитет, координација и дисциплинирана имплементација. Реформската агенда треба да се разбере не само како политичка рамка, туку како оперативна програма за реализација, при што клучни се јасните приоритети, реалните рокови и ефективната меѓуинституционална координација“, истакна Сали.
Министерот ја нагласи и важноста од партнерството со меѓународните организации и имплементациските партнери, како што е УНОПС, кои помагаат политичките обврски да се претворат во конкретни резултати преку техничка експертиза, поддршка во управувањето со проекти и транспарентна имплементација.
„Заедничката цел останува јасна – целосно членство на Македонија во Европската Унија. За да го постигнеме тоа, потребни се доследност, кредибилитет и резултати“, порача Сали.
МЕП информира дека на состанокот беше направен преглед на досегашниот напредок на проектот, како и на планираните активности во наредниот период, со цел натамошно зајакнување на институционалната подготвеност и координацијата на реформските процеси.






