вторник, 6 јануари 2026

Саем на македонска традиционална кујна во Пустец, Албанија

Со присуство на Македонци од сите делови на Мала Преспа и пошироко и претставници на македонската Амбасада, денеска во Пустец, седиште на истоимената општина, беше одржан Саем на македонска традиционална кујна.

Објавено на

часот

Сподели

„Настанот беше организиран од страна на македонскиот активист Панде Симонофски, со поддршка преку Јавниот повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од дијаспората на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и истиот претставуваше вистинска прослава на македонската традиција, култура и заедништво“, информираа од македонската Амбасада во Албанија.

Додадоа дека Амбасадата била претставена од првиот секретар и конзул, Радмила Стојмировска, која со своето присуство ја истакнала постојаната поддршка на Амбасадата за активностите на македонската заедница во Република Албанија и за зачувување на националниот идентитет, јазик и културно наследство.

„Амбасадата упатува искрени честитки до организаторите и учесниците и останува посветена на поддршката на вакви иницијативи што ја негуваат и пренесуваат македонската традиција на идните генерации“, нагласија од Амбасадата.

Покрај претставници на здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ на настанот присуствувал и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“ и поранешен градоначалник на општина Пустец.

„Тоа беше прекрасен настан исполнет со вкус, мирис, традиција и емоции. Со срце и љубов, вредните преспански домаќинки ни подарија вистинско гастрономско доживување, јадења што не само што се јадат, туку се чувствуваат“, истакнал тој.

Посочил дека „во духот на македонската песна и традиција, со заедништво и гордост, уште еднаш ја потврдивме нашата љубов кон корените“.

„Ова не беше само саем, ова беше празник на идентитетот, културата и традицијата.
Голема благодарност до сите кои придонесоа, и до сите кои беа дел од оваа магија. Да ја чуваме и пренесуваме македонската традиција – затоа што таа нè прави тоа што сме“, нагласил Темелко.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ