среда, 14 јануари 2026

САД ги стопираат визите за 75 земји, меѓу нив и Македонија

Соединетите Американски Држави ја замрзнуваат обработката на имигрантски визи за 75 земји, почнувајќи од 21 јануари, како дел од заострувањето на имиграциската политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, објави Фокс њуз, повикувајќи се на интерен меморандум на Стејт департментот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мерката се воведува на неопределено време, додека трае ревизијата на процедурите за проверка и проценка на апликантите, со цел да се спречи влез на лица за кои се смета дека би можеле да станат „јавен товар“, односно да зависат од социјална помош.

Меѓу земјите опфатени со замрзнувањето освен Македонија се и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово, како и Русија, Иран, Авганистан, Бразил, Тајланд, Ирак…

Во ноември 2025 година Стејт департментот испратил дипломатска депеша до своите претставништва низ светот со инструкции строго да се применуваат новите правила за проверка според таканаречената одредба за „јавен товар“ во имиграцискиот закон. Конзуларните службеници добиле инструкции да ги одбиваат визите врз основа на постојниот закон, земајќи предвид фактори како здравствената состојба, возраста, финансиската стабилност, познавањето на англискиот јазик и евентуалната потреба од долготрајна медицинска нега.

Постари или лица со прекумерна телесна тежина би можеле да бидат одбиени, како и оние што во минатото користеле државна парична помош или биле институционализирани.

„Стејт департментот ќе го користи своето долгогодишно овластување да ги прогласува за неподобни потенцијалните имигранти кои би станале јавен товар за Соединетите Американски Држави и би ја злоупотребиле дарежливоста на американскиот народ“, изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.

„Имиграцијата од овие 75 земји ќе биде паузирана додека Стејт департментот повторно ги проценува процедурите за да се спречи влез на странски државјани кои би користеле социјална помош и јавни бенефиции.“

Од Стејт департментот соопштија дека исклучоци ќе бидат дозволени само во многу ограничени случаи и по дополнителна проверка. Американските власти предупредуваат дека замрзнувањето на визите ќе остане во сила сè додека не биде завршена целосната проценка на имиграциските процедури.

Целосната листа на земји ги вклучува: Авганистан, Албанија, Алжир, Антигва и Барбуда, Ерменија, Азербејџан, Бахами, Бангладеш, Барбадос, Белорусија, Белизе, Бутан, Босна и Херцеговина, Бразил, Мјанмар, Камбоџа, Камерун, Кејп Верде, Колумбија, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Демократска Република Конго, Доминика, Египет, Еритреја, Етиопија, Фиџи, Гамбија, Грузија, Гана, Гренада, Гватемала, Гвинеја, Хаити, Иран, Ирак, Јамајка, Јордан, Казахстан, Косово, Кувајт, Киргистан, Лаос, Либан, Либерија, Либија, Македонија, Молдавија, Монголија, Црна Гора, Мароко, Непал, Никарагва, Нигерија, Пакистан, Република Конго, Русија, Руанда, Сент Китс и Невис, Сент Лусија, Сент Винсент и Гренадини, Сенегал, Сиера Леоне, Сомалија, Јужен Судан, Судан, Сирија, Танзанија, Тајланд, Того, Тунис, Уганда, Уругвај, Узбекистан и Јемен.

Иако одредбата за „јавен товар“ постои со децении, нејзината примена значително варираше меѓу различни администрации. Претседателот Доналд Трамп во 2019 година ја прошири дефиницијата за да вклучи поширок опсег социјални бенефиции, но таа одлука беше оспорена на суд и делумно блокирана, а потоа укината од администрацијата на Џо Бајден.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ