среда, 4 јуни 2025

Сѐ уште се чека на одлуката на Врховниот суд за четиригодишното дете одземено од мајката

Во наредниот период Врховниот суд треба да одлучи дали пресудата на Апелацискиот суд во Битола за одземање четиригодишно дете од мајката и доделување на таткото била праведна. Се чека ревизијата на пресудата со која старателството за детето му е доделено на таткото, а мајката е исклучена без никакви аргументи.

Објавено на

часот

Сподели

„Современите социолошки и психолошки теории за родителството од друга страна покажуваат дека улогите во семејството се значително изменети во изминативе децении така што традиционалната поделба на мајката како главен негувател, а таткото како издржувач повеќе не е единствениот модел на семејството. Тоа значи дека стеоротипите за ‘природната’ улога на мајката се општествено надминати“, напиша судијката Жаклина Доведен во правосилната пресуда.

Таткото е богат и влијателен човек, па парите како аргумент беа битни за судот – „ќе можел да го одгледува детето“, пишува во пресудата. Судот одби да ги разгледа СМС пораките од таткото дека планира „да го купи Центарот за социјални работа во Охрид“ со еден милион евра. А токму мислењето на Центарот за социјални работи беше одлучувачко да го добие старателството по разводот.

„Предност за доделување на детето кај таткото била истакнатата истоветност на полот меѓу детето и таткото бидејќи имало влијание за идентификација на детето. Покрај тоа како фактори што влијаеле на мислењето детето да биде доделено кај таткото биле ценети добрата материјална состојба на таткото, работната позиција на истиот која му дозволувала подолго време да му се посвети на синот како и ‘предноста на помалите урбани средини за одгледување на децата’“, напишаа од Центарот за социјална работа во Охрид, а тоа беше клучно за одлуката на судот.

Во пресудата не беа земени предвид доказите дека таткото вршел психичко семејно насилство, дека има прекршочна пријава за лажно пријавување, дека има пријава за грабнување на детето…

Директорот на Центарот за социјални работи на Охрид, Игор Еленчевски, доби кривична пријава од Министерството за труд и социјална политика за неговото постапување надвор од укажувањата на надлежните органи по овој случај. По инспекцискиот надзор тој беше и разрешен од функцијата.

Мислење на Центарот за социјални работи во Охрид е сосема спротивно од надлежниот Центар во Скопје кој сметаше дека детето треба да биде доделено на мајката. Таткото е од Охрид, а мајката живее во Скопје.

По минатогодишната првосилна пресуда од ноември, нема никакво решение со кое ќе биде овозможено мајката да се гледа со детето.

Претходното решение од јуни 2024 година, со кое дететото беше кај мајката, а го регулираше гледањето со таткото повеќе не е во сила.

Во Судскиот совет од одбрната на мајката Невена Спасеска поднесена е претставка против судијката Жаклина Доведен за преиспитување на нејзината работа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ