Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7 отсто, а вредноста за дури 17,7 отсто. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13 отсто по број и за над 30 отсто по вредност.
Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70 отсто) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.
И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1 отсто, а вредноста за 8,6 отсто. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1 отсто), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6 отсто).
Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.






