Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во обраќање пред пратениците во македонското Собрание порача дека безбедноста на Западен Балкан е од суштинско значење за Алијансата и дека Македонија има важна улога како кредибилен сојузник што треба да води со пример.
Руте предупреди дека Русија продолжува со воената агресија врз Украина и дека глобалниот натпревар се интензивира, посочувајќи на продлабочена соработка меѓу Русија, Кина, Северна Кореја и Иран. Според него, сојузниците мора да останат обединети, а Иран не смее да поседува нуклеарно оружје.
„Русија продолжува да му се заканува на нашиот безбеден свет и притиска со својата воена агресија врз Украина. Русија стана екипа со Кина, со Сверена Кореја и со Иран. И заедно ги шират своите способности да нè притискаат уште повеќе. Глобалниот натпревар се интензивира, а сојузниците се соочуваат со постојани закани од тероризам. Иран беше извозник на хаос. Опасноста што ја претставува Иран е далекосежна. Сојузниците мора да се свесни дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје и мора да обрнеме особено внимание на ова“, рече Руте.
Тој ја нагласи потребата од зголемени инвестиции во одбраната, поддржувајќи ја определбата на Македонија за повисоки издвојувања. Посочи дека членките треба да останат на заложбите за значително зголемување на средствата за одбрана, со цел до 2035 година тие да достигнат до пет проценти од БДП.
Во говорот беше истакнат и конкретниот придонес на земјава во рамки на Алијансата – учество во напредните копнени сили во Бугарија и Латвија, како и ангажманот во мировната мисија КФОР во Косово.
„Во соседно Косово вашите сили се дел од мировните мисии под водство на НАТО – КФОР. Денес станавте извозник на безбедност. КФОР придонесе значително за регионалната безбедност, долгорочна стабилност во Западен Балкан. Неволите од минатото мора да ги држиме строго во минатото затоа што реториката која е без мисла може да биде многу опасна. Ние не смееме да се дозволи да се загрози мирот. Ќе продолжиме да работиме заедно како сојузници и овде особено ја ценам перспективата што вие и другите сојузници ѝ ја овозможувате на алијансата, токму како и со нашите партнери од ЕУ“, рече Руте.
На почетокот од неговото обраќање, пратеници од Левица изразија несогласување со транспарент, но Руте оцени дека таквото однесување е демократско и го продолжи говорот.
„’Топол’ пречек на Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска во Собранието на Република Македонија, од страна на пратениците од Левица“, пишува во соопштението од Левица.

Во рамки на посетата, Руте оствари средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, при што беше поздравена посветеноста на земјата кон усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и поддршката за Украина. Беше истакната и важноста од европската интеграција на регионот како прашање поврзано со европската безбедност.
„Ја нагласи важноста на вокалноста на парламентите и парламентарците како незаменлив демократски инструмент за поддршка на државните приоритети, особено во сферата на јакнењето на одбранбените капацитети на армијата и јакнење на безбедноста, согласно проектираните визии на Алијансата“, се вели во соопштението од Собрание.
Гаши, посакувајќи му добредојде во законодавниот дом, го запознал гостинот со актуелната состојба во земјава, во светло на актуелните геополитички тензии на Блискиот Исток и војната во Украина.
„Ја предочи посветената политика на Македонија како кредибилен сојузник кој како и досега ефективно ќе придонесува за обезбедување на регионалниот и глобалниот мир и безбедност. Во време на зголемена глобална неизвесност, претседателот Гаши ја нагласи важноста на блиските односи, одржливиот политички дијалог и заедничката посветеност на меѓународното право и колективната безбедност. Притоа, тој предочи дека членството на земјава во ЕУ не е само како институционално прашање на зачленување. Истакна дека во светло на тековните нестабилности, прашањето на европската интеграција на регионот на Западен Балкан сè повеќе станува и прашање поврзано со европската безбедност“, информираат од Собрание.

Од касарната „Илинден“, Руте им се обрати на припадниците на Армијата, нагласувајќи дека сите 32 сојузнички држави мора да работат заедно за да ја обезбедат колективната одбрана. „Останете безбедни – и чувајте нè безбедни“, порача тој.
„Последниве денови гледаме колку е важно сите 32 сојузнички држави, вклучително и Северна Македонија да се здружат, да работат заедно и да обезбедат колективна одбрана на НАТО територијата. Навистина ми е чест што сум овде. Ви посакувам сè најдобро. Останете безбедни – и чувајте нè безбедни“, порача Руте на крајот од обраќањето.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски на Генералниот секретар на НАТО му врачија Големи плакети на Армијата.

Ова е прва посета на Руте на Скопје како генерален секретар на НАТО. Претходно, земјата ја посети во 2021 година како премиер на Холандија.






