Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), во соработка со Министерството за внатрешни работи и Министерството за образование и наука, континуирано ги реализира превентивно – едукативните активности во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, насочени кон унапредување на сообраќајната култура и подигање на нивото на безбедно однесување кај најмладите учесници во сообраќајот.
Преку едукативни предавања и практични активности во образовните установи, децата се стекнуваат со основни знаења и вештини за безбедно учество во сообраќајот. Истовремено, се нагласува значењето на улогата на родителите и возачите како клучни фактори во градењето на безбедни навики и одговорно однесување.
Во овој период на зголемен интензитет на сообраќај, РСБСП упатува апел до сите учесници во сообраќајот за строго почитување на сообраќајните правила и зголемена внимателност, особено во близина на училишта, пешачки премини и зони со смирен сообраќај.
Апел до возачите и родителите
Да ја прилагодат брзината на движење согласно поставената сообраќајна сигнализација и условите на патот.
Да покажат зголемена внимателност и подготвеност за ненадејни реакции на децата.
Да не паркираат возила на места со намалена прегледност, особено во близина на пешачки премини и влезови на училишта.
Континуирано да разговараат со децата за правилно и безбедно движење во сообраќајот и да бидат пример со сопственото однесување.
Пораки до децата – пешаци
Улицата се поминува исклучиво на обележан пешачки премин.
Пред преминување задолжително да се застане и внимателно да се погледне лево, десно и повторно лево.
Да не се истрчува на коловоз и улицата да се поминува со нормален чекор.
Да се користи тротоарот или пешачката патека, а доколку не постојат, движењето да биде по левата страна од коловозот.
Улицата да не се користи за игра и престој.
РСБСП потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила претставува сериозен ризик по безбедноста на децата и може да доведе до тешки последици. Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и бара континуирано внимание, дисциплина и соработка од сите.






