Во подолгиот разговор за МКД.мк, професорот Росоклија вели дека за спроведување на овие научни проекти работеле голем број на доктори, повеќе од 30, од кои само двајца останале во САД, а другите се вратија во земјата. Најголем дел од специјализантите биле од судската медицина во Македонија, а имало и од други факултети и области.
За спроведување на овие проекти беа формирани етичките комитети на Медицинскиот факултет во Скопје и на МАНУ. Идејата за формирање на т.н. колекција на ткива (не банка на органи) на судска медицина, како услов за праќање на специјализанти од Македонија на универзитетот Колумбија во САД беше веднаш прифатена од професорот Дума, како директор на Институтот за судска медицина, по што веднаш беше спроведен тој мост преку професорот Росоклија. За да се спроведе сето ова, неопходно беше пропишување на одредена процедура, како и согласност од роднините на починатите пациенти за употреба на мозочните ткива исклучиво во научни цели и во лаборатории и во странство. Не се работи за никаков извоз на мозоци во САД, појаснува Росоклија, секој специјализант што доаѓаше во Колумбија си го носеше потребниот материјал како личен багаж, во соодветни услови, по што почнуваше неговото истражување. „Таа согласност беше земана од членовите на тој Етички комитет, меѓу кои имаше и психолози и психијатри, кои детално им објаснуваа на роднините за што се работи, по што беше добивана таа согласност. Без завршена цела процедура, такви испитувања едноставно ќе беше невозможно да се спроведат на Колумбија“, вели Росоклија.
Инаку за овие проекти кои траеја повеќе од 10 години беа добивани и грантови за невропатологија и психијатрија. Целата работа заврши во 2015 година.
Од документите што американското Министерство за правда ги објави, а се однесуваат на починатиот милијардер осуден за трговија со бело робје, педофилија и силување, Џефри Епстин, може да се види дека се работи имејл порака испратена до Ике Гроф, основач на инвестициската компанија „Турмалин партнерс“ во која се пренесува новинарско истражување на „Блумберг бизнисвик“ од новинарите Синтија Кунс и Роберт Лагрет. Претпоставка е дека по оваа имејл порака следувало барање за спонзорство на овие научни истражувања. Текстот е со наслов „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ и во него се наведува дека во рамките на долгогодишно научно истражување за самоубиствата, американски научници кои соработуваат со универзитетот Колумбија имаат создадено банка од човечки мозоци за истражување. Во колекцијата од околу 1.000 мозоци имало мозоци од лица што извршиле самоубиство, но и контролни примероци.
Горазд Росоклија е научник во областа на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1992 година е професор на Медицинскиот факултет при универзитетот Колумбија, Њујорк, САД.
„Мозок не може да се продаде и тој не може да се трансплантира“, вели поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума, пренесува „360 степени“. Дума потврдува дека станува збор за научен проект и дека има точни правила мозокот кога ќе се извади за колку секунди треба да постигне минус 80 степени и да стигне во лабораторија.
A.Д.






