„Сѐ надевам дека пишувам на право место и дека конечно некој во оваа држава ќе отвори уши и очи за мојата безизлезна ситуација. Човекот кој од декември наваму ме демне, ме тепа, ми нанесува друг вид на насилство, силува, прогонува и последно пред 5 дена ми ја запали колата е сѐ уште на слобода“, стои во една од пораките кои наводно биле упатени до министерот Тошковски.
СДСМ прашува дали оваа порака навистина пристигнала до министерството пред пет месеци и што е преземено. Според содржината, Росица навела и детали за институциите пред кои се обраќала, како и за тоа дека убијецот, и покрај пријавите за насилство, добил вратен пасош од МВР и патувал во странство.
„Ако ова е точно, тогаш граѓаните со право може да заклучат дека се оставени сами на себе кога станува збор за нивната безбедност и дека залудно пријавуваат насилство, закани и демнеење“, порача Кузеска.

Од СДСМ истакнуваат дека смртта на Росица е трагедија што не смее да биде релативизирана и заборавена.
„Ниту Миленко Неделковски, ниту било кој од власта не може да ја намали сериозноста на непостапувањето на институциите кои беа должни да го спасат нејзиниот живот“, рече портпаролката.
СДСМ потсетува дека Росица редовно пријавувала кога стравувала за својот живот, но и покрај тоа, насилството заврши со убиство и на неа и на нејзиниот татко.
„Каде во оваа држава граѓаните можат да се обратат ако им се закануваат по живот? Ако ги тепаат, ако им палат автомобил? Која е вистинската адреса за жените кои денеска собираат храброст да пријават насилство и прогон?“, прашуваат од СДСМ.
„Убиството на Росица бара одговори, бара одговорност и бара голема сериозност од институциите, а не префрлање на вината еден на друг“, порача Кузеска.






