среда, 2 април 2025

Кулакова: Станавме мета на имиња кои тајно ги влечат конците, а никогаш не одговараат за своите постапки

Од еден искрен, спонтан и народен крик на болка, се појави нешто друго. Некој со болен ум, со туѓа трагедија реши да си прави профит. Така во јавноста се појави иницијативата „Кој е следен“, напиша Росица Кулакова, сестра на Фросина кој трагично го загуби животот во сообраќајната несреќа што се случи на крајот на јануари 2025 година на булеварот Партизански одреди во центарот на Скопје.

Фото: Архива/Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Во објавата на нејзиниот фејсбук профил, Кулакова пишува дека чувствува морална одговорност да разоткрие како организаторите, оние од сенка, како што вели таа, од иницијативата „Кој е следен“? го злоупотребиле нејзиното семејство и нивната тага, болка и шок од смртта на нејзината сестра Фросина.

„Ова не е критика до секој што беше дел од ‘Кој е следен’. Моите зборови се насочени кон организаторите. Не кон тие што ги гледавме со транспаренти, туку кон оние што секогаш се во сенките. Луѓето чии имиња не се појавуваат јавно, ама сите знаеме кои се. Тие што го “водат” протестот, а никогаш не одговараат за своите постапки. Веќе на вторите протести се почувствува дека нешто не е во ред. Протестот веќе не беше на народот – имаше јасен организатор, агенда, насока. И да бидам искрена, тогаш сè уште верував. Таа поддршка ми значеше. Мислев дека некој вистински се грижи, дека можеби има надеж. Но денес ми е жал што морам да кажам дека го видов и доживеав сосема спротивното“, пишува Росица Кулакова.

Таа тврди дека на единствениот состанок на кој што присуствувала јасно ѝ било ставено до знаење дека Фросина не е важна, дека нивната болка не е важна туку дека е важна агендата, а жртвата е само инструмент.

„И тука морам да бидам прецизна – тие што тогаш го водеа тој наратив, тие што нѐ гледаа како средство, а не како луѓе, денес стојат во позадина и ја поддржуваат иницијативата ‘Кој е следен’. Не се тие што се појавуваат напред, туку тие што тивко ги влечат конците. И за да ви доловам за каков тип луѓе станува збор – тоа се истите што во минатото шетаа со транспаренти против црквата, што палеа канцеларии, што не познаваат граници кога се работи за промовирање на своите цели. Не зборувам за луѓето што искрено протестираат – зборувам за тие што стојат зад сцената. За тие што имаат агенда, а не срце. Протестите за 8 Март нема ни да ги коментирам. Ако некому му се чини соодветно да маршира со тенџериња и дрвени лажици од место каде што некој трагично загинал, нека му служи на чест. Јас мислам дека тоа беше врв на непочитта“, вели Кулакова.

Таа во својата објава на фејсбук заклучува дека од ожалостен, нејзиното семејство станало мета.

„Не можам веќе да молчам. Не можам да гледам како нашата трагедија, а денес и трагедијата на уште многу семејства со слична судбина на нашето – се користи, извртува, злоупотребува. Од едно семејство, денес станавме стотици. И сите сме ранливи. Сите полесни за манипулација. Системот не чини, тоа го знаеме сите. Но луѓето што го креираат тој систем од сенка нема да ни го решат проблемот. Нивната борба не е за нас. Ниту за вистината. Ниту за правдата. ‘Кој е следен?’ да ве прашаме вас кој е следен? Која мајка? Кој брат? Која сестра? Која трагедија ќе биде следна на менито на вашите интереси“, ги прашува Кулакова организаторите на иницијативата „Кој е следен“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ