Е сега, дали ни се меки законите кога се работи за семејно насилство и насилство врз жени, па сето тоа доведува до убиства или пропусти во институциите, треба да утврдат токму оние исти институции на кои досега им се доверувала Росица и од кои барала помош.
Еве да почнеме од Министерството за внатрешни работи. Името на Илија Стефановски (39) се појавува во евиденција на полицијата уште од 2013 година, значи многу години пред да го пријави таа (Росица) на која животот и згасна од неговите раце.
Во електронскиот билтен на СВР Скопје во периодот од 2013 до 2019 година евидентираат четири поплаки против Илија Стефановски, и тоа, како што велат официјалните податоци од МВР: „На 25.11.2013 година од страна на лицето М. Д. поднесена е поплака во ПС ОН Центар против И. С. На 23.12.2013 година од страна на лицето Л. Д. поднесена е поплака во ПС ОН Центар против И. С. На 30.12.2016 година од страна на лицето Т. Н. поднесена е поплака во ПС ОН Аеродром против И. С. На 27.05.2019 година од страна на лицето Т. Д. поднесена е поплака во ПС ОН Центар против И.С.
Сите овие поплаки се поднесени од други девојки што трпеле насилство од Илија.
Во Единицата за насилен криминал при СВР Скопје на 4 јули 2025 година поднесена е кривична пријава против Илија Стефановски од Скопје за сторено кривично дело телесна повреда при семејно насилство предвидено и казниво по чл.130 ст.2 од КЗ. Ова е пријава поднесена од сега убиената Росица.
Извршени се и проверки во СВР Велес во врска со кривично-правните настани пријавени од Коцева, а утврдено е дека на 26 јануари 2025 во 23:30 часот во СВР Велес, Росица пријавила поплака против Стефановски од Скопје дека на улица „Христо Татарчев“ во Велес ја вознемирувал додека шетала куче. За наведеното тој бил предупреден.
Речиси еден месец потоа, односно на 21 февруари 2025 година, 40 минути по 1 часот во СВР Велес пријавила дека во периодот од 22:10 до 23:00 часот на 20 февруари во 2025 во дворот на основно училиште во Велес била физички нападната од Илија од Скопје, со кого претходно била во врска.
По десетина дена, односно на 4 март 2025 во 00:25 чaсот во Велес, полициски службеници од полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес го лишиле од слобода Стефановски постапувајќи по претходна пријава дека во ходник од станбена зграда на улица „Христо Татарчев“ во Велес, физички го нападнал И.М.(35) од Велес, додека бил со неговата пријателка Росица.
Стефановски тогаш бил задржан во полициска станица, а известен бил јавен обвинител и поднесен е соодветен поднесок, велат од МВР и додаваат дека за сите претходно наведени настани, а по барање на ОЈО Велес во врска со пријавени настани од Росица Коцева против Илија Стефановски за временскиот период од 27.12.2024 до 01.03.2025, до ОЈО Велес доставени се примероци од сите службени материјали.
Обвинителството и МВР се надмудруваат кој не постапил во случајот со Росица
Но Обвинителството за периодот во мај годинава наоѓа забелешки во постапувањето на МВР. Тогаш, на 21 мај 2025 година оштетената го пријавува во ОЈО Велес и за неизвршување на судска одлука, бидејќи и покрај дополнителните мерки за заштита од семејно насилство изречени и во граѓанска постапка, тој не ги почитува и продолжува да и испраќа пораки и фотографии со обид да оствари комуникација со неа, а на 18 мај се приближил до нејзиниот дом и го одзел и го запалил автомобилот во сопственост на нејзиниот татко.
„По оваа пријава, ОЈО Велес ја испита оштетената и на 26 јуни 2025 година издаде наредба до МВР за обезбедување докази од телефонската комуникација, како и четири наредби за обезбедување снимки од видео надзор од различни локации во градот. По овие наредби МВР постапува“, велат од Обвинителството.
За овие наредби и за тоа зошто на МВР му требаат четири месеци за да постапи по наредбите и да му одговори на Обвинителството, одговор од МВР не добивме.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски пред неколку дена во врска со убиството во Велес изјави дека МВР поднело кривична пријава за лицето што ги уби Росица Коцева и нејзиниот татко, по што се самоуби, и потенцираше дека Обвинителството е тоа што предлага, а судот одредува притвор и носи пресуда. Тошковски рече дека е срамно да се лаже и да се манипулира јавноста заради одредени политички поени.
Тошковски потенцираше дека МВР поднело кривична пријава за сторителот и праша дали Обвинителството побарало притвор, како и зошто судот во Велес наместо условна, не изрекол казна затвор за Стефановски.
А, објаснување има и Основниот суд во Велес, кој вчера ја објави и одлуката изречена од судијата Шефшет Адеми. Со оваа пресуда изречена е условната казна и во неа стои дека обвинетиот Стефановски и оштетената Коцевска од септември 2021 година до октомври 2024 година се разделиле и оштетената се вратила да живее во Велес. Стефановски е осуден за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3 б.б. став 1 од Кривичниот законик и за кривично дело насилство од член 386 став 3 б.б. со став 1 од Киричниот законик.
Психијатриското вештачење утврдило дека Стефановски може да го разбере значењето на своите постапки, како и мотивите за сторување на кривичното дело, а во моментот кога ја нападнал, тој бил со јасна свест, уредно ориентиран во времето, просторот и уредно перцепирал, осознавал, одлучувал и дејствувал. Во однос на неговата опсесивност кон поранешната партнерка, тие настанале како последица на неговата структура на личноста и емоционална поврзаност, но не ги нарушува неговите психички функции.
Олеснителни околности зошто Стефановски добил условна казна се фактот што претходно не бил осудуван, а во евиденција на судот стоело дека против него нема други постапки, како и тоа дека коректно се однесувал за време на постапката. Отежителна околност бил степенот на сторување на кривичното дело.
Но, за судот, како што стои во пресудата, неоспорен е фактот дека обвинетиот Илија на 20 февруари 2025 сериозно и се заканил на оштетената Росица дека ќе нападне врз нејзиниот живот или тело со намера да ја заплаши и вознемири, така што додека оштетената Р.К. го шетала своето куче, одеднаш и пришол одзади и со едната рака и ја затворил устата, а со другата рака неколку пати ја удрил по главата и лицето велејќи и ‘Е, е сега ќе видиш што ќе ти се случи’. „Овој факт, се утврди од исказот на оштетената како сведок Р.К., а на кој исказ како релевантен доказ судот во целост поклони, затоа што истиот се потврдува со материјален доказ-записник за примање на пријава на СВР В. од кој судот утврди дека оштетената Р.К. овој настан го пријавила во СВР В. на ден 21.02.2025 година во 01:40 часот и лекарски извештаи од 21.02.2025 година на ЈЗУ Општа Болница В., ургентна медицина и психијатрија“, пишува во пресудата.
„Основниот суд Велес за кривичното дело Загрозување на сигурноста од чл. 144 ст. 3 в.в. ст. 1 од КЗ изрече казна затвор во траење од шест (6) месеци, а за кривичното дело Насилство од чл. 386 ст. 3 в.в. ст. 1 од КЗ – казна затвор во траење од една (1) година. На обвинетиот му е изречена алтернативна мерка – условна осуда, со што му се утврдува единствена казна затвор во траење од една (1) година и четири (4) месеци, која нема да се изврши доколку во рок од три (3) години од правосилноста на пресудата не стори ново кривично дело“, стои во пресудата на судијата Адеми.
По изрекувањето на условната казна од судот во Велес, како што стои во пресудата сметале дека со изречената санкција ќе се постигне целта на казнувањето и тоа остварување на правдата, спречување на обвинетиот да стори нови кривични дела и неговото превоспитување, како и воспитно влијание врз другите да не сторат кривични дела.
Стефановски доби условна пресуда за ќотек кон Росица и нејзин пријател, на кого му нанел и повреди.
„На ден 20.2.2025 година, во времето помеѓу 23:00 и 23:30 часот, во училишниот двор на ООУ „В. Г.“ во В., при вршење на семејно насилство, сериозно ѝ се заканил на оштетената Р.К., која е негова поранешна вонбрачна партнерка, дека ќе нападне врз нејзиниот живот или тело со намера да ја заплаши и вознемири. Додека оштетената го шетала своето куче, обвинетиот одеднаш ѝ пришол одзади, со едната рака ѝ ја затворил устата, а со другата неколку пати ја удрил по главата и лицето, велејќи ѝ: ‘Е сега ќе видиш што ќе ти се случи’.Ноќта помеѓу 03.03.2025 и 04.03.2025 година, во зградата на ул. … во В., пред и во станот со број …, во кој како потстанар живеел сведокот Р.К., обвинетиот извршил грубо насилство врз оштетениот И.М. На начин што, во моментот кога оштетениот заедно со сведокот К. (поранешна вонбрачна партнерка на обвинетиот) излегувале од станот за да одат во пекара, обвинетиот одеднаш се нафрлил врз оштетениот од левата страна на влезната врата кај скалите, го фатил одзади, го турнал на подот во претсобјето од станот и продолжил да го удира по целото тело со раце и нозе, притискајќи му со прст во самото око. Од тоа оштетениот задобил телесни повреди изразени во нагмечотини на главата и лицето, како и нагмечотини на левата рака. Со тоа кај оштетениот И.М. и кај сведокот Р.К. предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв. Потоа обвинетиот преку терасата од станот, по олуците, слегол од четвртиот кат и заминал за да ги избегне полициските службеници што дошле да интервенираат“, стои во пресудата на Основниот суд во Велес.
Но во евиденцијата на МВР стои дека на 18 мај 2025 во 14:30 часот во СВР Велес пријавила дека на неколку локации во Велес, И.С.(39) од Скопје испишал графити со навредливи и заканувачки содржини во кои директно е наведено нејзиното име и презиме и нејзиниот полубрат, како и во повеќе наврати пишувал пораки на нејзиниот татко и на нејзина пријателка преку социјални мрежи, со навредлива содржина упатени кон неа и побарала И.С. да се предупреди.
До СВР Скопје е испратен службен материјал, по однос на пријавата, каде бил извршен службен разговор со И.С. кој ја негирал поврзаноста со наведениот настан, за што бил изготвен и службен материјал.
На 18.5.2025 во 05:30 часот во СВР Велес е пријавено дека на паркинг простор на улица „Петре Прличко“ во Велес настанал пожар во патничко возило мицубиши со велешки регистарски ознаки, сопственост на К.К.(74) од Велес. Повредени лица нема, а пожарот е изгаснат од Територијална противпожарна единица Велес. Увид на местото изврши увидна екипа од СВР Велес. По преземени мерки е утврдено дека во периодот од 22:00 часот на 17.05.2025 до околу 05:30 часот на 18.05.2025 возилото било одземено од пред домот на таткото на Росица.
На 19.06.2025 во 14:30 часот во СВР Велес е повикана Росица со која е извршен службен разговор во врска со пријава од вработена во продажен објект во Велес, дека пронашла УСБ залепено на влезна врата од објектот, на кое имало слики и видеозаписи со експлицитна содржина од неа и Илија.
На 7.7.2025 во 13:00 часот во СВР Велес била повикана Росица, по издадена наредба од ОЈО, каде таа пријавила дека Илија .С.(39) од Скопје не ја почитувал мерката забрана за приближување, за во СВР Велес да приложи доказен материјал во однос на пријавата и од страна на СВР Велес материјалот е доставен во ОЈО.
„Исто така, извршени се проверки во евиденциите на СВР Велес во врска со пријави поднесени од И.С. против Р.К., при што е констатирано следното: на 09.02.2025 година во 19:20 часот во СВР Велес била повикана Р.К. (31) од Велес по повод претходно пријавена поплака против неа од И.С. (39) од Скопје, пријавена во Скопје, за што е изготвен службен материјал. На 22.05.2025 година во 14:30 часот повторно била повикана во СВР Велес по ист повод и исто така е изготвен службен материјал. На 05.06.2025 година во 17:00 часот Р.К. (31) од Велес повторно била повикана во СВР Велес во врска со претходно пријавена поплака против неа од И.С. (39) од Скопје, за што повторно е изготвен службен материјал“, велат од МВР.
Адвокатот Александар Ѓорѓиевски, кој ја застапуваше Росица во текот на постапката за насилството што го трпеше од Илија, за МКД.мк вели дека ги презел сите дејствија за да ги заштити нејзините права.
„Ве известувам дека со длабока тага и неверување ја примив веста за трагичниот настан. Како полномошник на Росица Коцева ги презедов сите дејствија во граѓанска и кривична постапка, со цел да се заштитат нејзините загарантирани права согласно Уставот и Законите. Предметната пресуда ја примив по електронски пат непосредно по случувањето на настанот. Во однос на тоа дали институциите потфрлија во овој случај и дали можеа да ја заштитат Росица, одговорите треба да ги барате во самите институции“, вели адвокатот.
Но, барајќи ги одговорите од институциите наидуваме на префрлање на вината, наидуваме на одговори дека крив е системот, а тој систем секако има име и презиме.
А одговорите за постапките за утврдување на вина за заштита на животот на Росица, кој згасна на најсвиреп начин, како и тоа дали има вина во институциите и поединци, сè уште ги чекаме.
Катерина Додевска






