Тој посочи дека ромската заедница е составен дел од државата и општеството.
„Ромската заедница е дел од нашата држава не само формално, туку суштински. Таа е дел од нашата историја, од нашата култура, од нашиот секојдневен живот“, рече премиерот, додавајќи дека присуството на Ромите се чувствува во образованието, работните места, музиката и традицијата.
„Овој значаен ден нè потсетува дека различноста е нашето најголемо богатство и во тоа заедничко богатство ромската заедница има посебно и драгоцено место со културата, јазикот, идентитетот и историјата што ја носи“, порача претседателот на Собранието.
Според него, проблемите во образованието, вработувањето и застапеноста бараат поголема и системска посветеност, укажувајќи дека е потребен покоординиран пристап од сите чинители. Тој се осврна и на фактот дека во Собранието нема ромски пратеник.
„Иако во моментов немаме ромски пратеник во Собранието на Република Македонија, ве уверувам дека ќе бидам вашиот глас во заштита на вашите права и аспирации “, порача претседателот на Собранието.
Министерот без ресор, Шабан Салиу упатувајќи честитка до сите Роми во светот, потсети дека Меѓународниот ден на Ромите е внесен во Законот за празници во државава во 2007 година, како амандман поднесен од него како пратеник, и дека денес официјално се одбележува како државен празник и неработен ден за ромската заедница. Според Салиу, ваквото одбележување ја прави Македонија единствена држава во светот.
Салиу нагласи дека Ромите во Македонија се единствени во светот кои се наведени како конститутивен елемент во преамбулата на Уставот.
„Ромите во нашата држава Македонија се единствените во светот кои се внесени како конститутивен елемент во преамбилата на Уставот и се признаени, цитирам – ‘како дел од Ромскиот народ’, благодарение на мојот ангажман и починатиот пратеник Фаик Абди“, истакна тој.
Салиу оцени дека положбата на Ромите е показател за демократскиот капацитет на една држава.
„Ако е така, одговорно можам да кажам во тој поглед Македонија е најдемократската држава во светот во поглед на уважувањето на правата на Ромите“, рече министерот.
Тој се осврна и на процесот на интеграција, посочувајќи дека тој започнал во 2007 година со вработувањето на првите пет припадници на ромската заедница во државната администрација. Според него, тој број постојано се зголемува во органите на државната управа, министерствата и другите институции. Како значајни успеси ги наведе и официјалната употреба на ромското знаме во повеќе општини, како и неговото подигање пред Владата по повод 8 Април.
Сепак, Салиу нагласи дека и покрај постигнатите успеси, состојбата на ромската заедница и натаму е тешка. Како министер без ресор, рече тој заедно со својот кабинет вложува напори за справување со секојдневните предизвици и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030. Тој појасни дека проблемите се системски и опфаќаат повеќе области од живеењето, наведени како осум мерки во стратегијата.






