недела, 14 декември 2025

Ромалитико: Системски и одржливи решенија за достоинствено домување на ромските семејства

Вчерашните изјави на Ангелов и Шукова во врска со пожарите на депонијата во Вардариште уште еднаш ја потврдуваат загрижувачката реалност: Ромите стануваат предмет на интерес на политичарите исклучиво за време на избори – особено сега, во период на локални избори – или само кога ќе се случи некој трагичен настан што го привлекува вниманието на јавноста, како во овој случај загадувањето на воздухот. И сегашните и претходните власти покажуваат интерес за ромските маала само пред избори, ветуваат многу, но по изборите забораваат. Четири години подоцна, овие населби повторно стануваат невидливи – и за политичарите и за пошироката јавност, велат од Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико.

Објавено на

часот

Сподели

„Несомнено, сите сме загрижени за квалитетот на воздухот, но ова прашање има две димензии кои мора да се согледаат истовремено. Од една страна, секогаш постои поединец „што пали“ и кој има име и презиме, исто како што ги има и во Визбегово, Дрисла и Трубарево. Но, од друга страна, мора да се признае и дека целиот отпад кој завршува во Вардариште е отпадот на самите скопјани — сè она што го исфрлаат пред своите домови или покрај контејнерите. Токму поради институционална негрижа и нефункционалност, овој отпад не се собира, не се селектира и не се третира навремено, па жителите на Скопје на крајот се гушат во сопственото ѓубре, обвинувајќи ги најмаргинализираните наместо да бараат одговорност од институциите“, вели Алберт Мемети, програмски менаџер на Институтот за истражување и анализа на политики Ромалитико.

Населби како Вардариште постојат веќе повеќе од две децении и сè уште функционираат без системски пристап или решение, иако се составен дел од територијата на општините. Поради неурбанизацијата, жителите во овие населби се соочуваат со неадекватно домување, недостаток на основна инфраструктура, нелегализирани живеалишта, нерегулиран граѓански статус, загадена и небезбедна животна средина. Дополнително, „некој“ дозволува на овие локации да се трупа ѓубре — прашање е дали токму така им одговара на локалните власти.

Во услови на целосен недостиг од функционален механизам за собирање и третирање на отпадот, со години им одговараше на општините тоа што Ромите го собираат ѓубрето, но сега токму тие се прогласуваат за главни виновници за загадувањето.

„Каде што завршува асфалтот“ – мапата на супстандардните населби

Населбите како Керамидница, Брсјачка Буна, Кванташки Пазар, Злокуќани, Топанско Поле во Скопје, со години станаа неформален, но интегрален дел од општините, препознатливи по тоа што „почнуваат каде што завршува асфалтот“. Според истражувањето на Ромалитико, речиси во секоја општина во Македонија – Скопје, Прилеп, Битола, Тетово и други – постои барем по едно ромско маало кое не е урбанизирано.

„Наместо да се игнорираат, овие населби мора да се третираат како интегрален дел од општините и како заедници чиј развој е општествена и институционална обврска. Во последните години овие населби добиваат внимание најчесто поради јавни реакции за загадувањето на воздухот и дивите депонии. Наместо системски да се решаваат проблемите, градските власти често се ограничуваат на изрекување казни или присилно уривање на домовите. Жителите во многу од овие населби најчесто преживуваат со собирање и продавање отпад, хартија, пластика и метал. Во нашата секојдневна работа со општините постојано алармираме за потребата од системски пристап. Во општините каде што урбанизацијата е можно решение, неопходно е да се обезбеди основна инфраструктура (вода, канализација, улици, улично осветлување, контејнери за отпад) и да се вклучат овие населби во урбанистичкиот план и економскиот развој на општината. Во случаите кога урбанизацијата не е можна поради еколошки, просторни или други ограничувања, државата и општините мора да понудат алтернативни решенија – изградба на социјални згради, доделување парцели и изградба на типски куќи, целосно опремување со потребната инфраструктура и легализација на новите домови, за да се создадат достоинствени услови за живот и еднакви можности за вклучување во општествениот и економскиот живот. Всушност такви се и препораките на Комисијата за заштита и спречување од дискриминација.

Сè додека општините не се посветат сериозно на решавање на овие прашања и не работат во вистински интерес на своите граѓани, Ромите ќе продолжат да бидат невидливи – присутни само како бројка во изборните калкулации, но отсутни од вистинските политики за развој и заштита. Ги повикуваме централните власти, како и кандидатите за градоначалници, да се воздржат од давање изјави кои можат да поттикнат говор на омраза или да создадат паника и притисок за ад хок уривање на овие населби. Наместо тоа, потребно е нивното внимание да биде насочено кон развивање и спроведување долгорочни, системски и одржливи решенија кои ќе обезбедат достоинствено и безбедно домување за ромските семејства, пристап до основна инфраструктура и јавни услуги, интеграција на овие населби во урбанистичките и развојните планови на општините“, додава Мемети.

Се поставува прашањето што прави државата, институциите, локалните власти за ромското население кое живее во тие населби со години, освен изјави – потребни се дела кои ќе обезбедат третман и решение кое што 20 години е во фиоките на функционерите, велат од Ромалитико.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ