сабота, 21 јуни 2025

Рокас: Поврзувањето на сите точки во Европа е начин за одржување на мирот и безбедноста

Не постои друг начин за одржување на нашиот мир, безбедноста и просперитет, освен преку поврзувањето на сите точки во Европа, истакна денеска евроамбасадорот Михалис Рокас на панел-дискусија на тема „Обликување на иднината – ЕУ интеграцијата како двигател на напредокот на Северна Македонија“ во организација на Фондацијата Конрад Аденауер, Европското движење во земјава и Вилфрид Мартенс центарот за Европски студии по повод Денот на Европа – 9 Мај. Германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер порача дека процесот на проширување на Европската Унија треба да има поголема предвидливост, да биде подинамичен и покредибилен, а процесот на носење одлуки во Унијата е потребно да стане пофлексибилен.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Рокас говореше за големата важност на проширувањето на Европската Унија, особено во контекст на потребата од поголемо единство на Европа по руската воена агресија врз Украина.

„Руската агресија врз Украина креираше комплетно нови перспективи, се ставија под знак прашалник голем број работи, мирот, безбедноста, стабилноста. Претходно, имавме Ковид пандемија, која пак го стави под знак прашање нашиот систем за набавки, нашите партнерства, а на врвот се стави прашањето за проширувањето. Не постои друг начин за одржување на нашиот мир, безбедноста и просперитет, освен преку поврзување на сите точки, пополнување на сите дупки и да имаме навистина креативен пристап“, рече Рокас.

Тој напомена дека посетите на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и на високата претставничка за надворешни работи и безбедноста политика на ЕУ на земјава Каја Калас се доказ за посветеноста на Унијата на нашите евроинтеграции. Истакна дека и Кошта и Калас храбро изјавиле дека земјава припаѓа на европското семејство и додаде дека во Брисел постои силна волја да се реализира процесот на евроинтеграција.

Рокас изјави дека во земјава и покрај сите препреки има висока поддршка за процесот на евроинтеграции и додаде дека нема сомнение дека младите сакаат да се движат напред и да бидат дел од ЕУ. Тој нагласи дека е потребно и двете страни да се вложат во реализацијата на целта. Ја спомена и Реформската агенда и придобивките, кои земјава ќе ги има од неа, нагласувајќи дека е потребно да се вложат сите напори за спроведување на реформите, додека истовремено се работи на останатите деликатни прашања.

„Ние како европски институции е потребно заедно со властите, од сите апсекти, со сите страни да поставиме една вистинска перспектива. И тоа навистина се случува со Реформската агенда, тоа е една потврда дека ова ќе биде постепена интеграција на земјава кон европскиот пазар, што секако не е алтернатива за пристапувањето во ЕУ, но потребно е да се спроведат сите овие реформи додека на сите други деликатни прашања и понатаму ќе се работи“, рече евроамбасадорот Рокас.

Германската амбасадорка во Македонија, Петра Дрекслер порача дека процесот на проширување на Европската Унија треба да има поголема предвидливост, да биде подинамичен и покредибилен, а процесот на носење одлуки во Унијата е потребно да стане пофлексибилен.

Дрекслер говореше за можноста за менување на начинот на кој ЕУ ги носи одлуките, иницијативи кои ја имаат поддршката од Германија, при што посочи дека изменетите геополитички случувања изминатите години особено го покренале ова прашање, поради потребата од поголемо единство и интеграција на самата Европа заради поефикасно справување со предизвиците и заканите.

„Сите сме свесни за развојот на геополитичката ситуација на полето на безбедноста, на полето на демократијата, за предизвиците и заканите со кои се соочуваат нашите општества. Време е Европа да почне да се грижи за себе си. Свесни сме за тоа, но мора да покажеме поголема одговорност и прашањето повеќе не е дали, туку како ќе го направме тоа, при што ќе мораме да погледнеме во начинот на тоа како досега преземаме активности и носиме одлуки. Значи ќе мораме да бидеме сигурни и да бидеме способни да носиме брзи одлуки и да преземаме брзи дејствија. Токму затоа и во коалицискиот договор на новата сојузна Влада на Германија е наведено дека ова за нас ќе биде приоритет, да обезбедиме забрзан процес на донесување одлуки во рамки на ЕУ, при тоа секогаш имајќи ја предвид секоја поединечна земја и нејзините интереси. Нашата сила е во нашето единство и сите сме свесни за тоа“, истакна Дрекслер.

Таа нагласи дека новите геополитички случувања и предизвици ја принудиле ЕУ да изнајде еден оптимален процес на донесување одлуки, кој ќе биде прифатлив и ќе овозможи употреба на квалификувано мнозинство, особено во однос на безбедносната политика. Амбасадорката напомна дека квалификуваното мнозинство не е новина за ЕУ, дека Советот 80 отсто од регулативите ги носи со квалификувано мнозинство, но сепак има одлуки, како што се оние поврзани со заедничката надворешна и безбедноста политика, за кои е потребна едногласност.

„Потребно е да се имаат предвид националните интереси на земјите-членки, потребно е да се најде начин на кој ќе се одржи овој принцип на едногласност во донесувањето одлуки, но истовремено да се воведат и пофлексибилни начини“, нагласи Дрекслер.

Таа напомена дека секогаш ќе има релевантни моменти во кои земјите-членки ќе треба да донесат едногласни одлуки, но има многу технички аспекти и технички одлуки, за кои мора да се обезбеди поголема флексибилност, истакна германската амбасадорка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ