среда, 2 април 2025

Рокас и Муртезани: Планот за раст не е замена за членството во ЕУ, туку алатка за да се поддржат подготовките на земјата за ЕУ

Пораката на планот за раст е мошне јасна – тоа е сеопфатна понуда од Европската Унија за Западен Балкан за да се поттикнат социоекономските услови коишто отвораат нова страница во нашите односи. Вклучува збир мерки коишто нудат прогресивен пристап до единствениот пазар на ЕУ, до заедничкиот регионален пазар како и механизми за стимулирање реформи. Реформската агенда од планот за раст е досега невидена можност за земјата да ги забрза клучните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економската конвергентност пред пристапувањето.

Објавено на

часот

Сподели

Ова го истакна шефот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас, на денешната презентација на мерките од планот за раст за Западен Балкан и реформската агенда 2024-2027 за Македонија на прес-конференцијата со министерот за европски прашања Орхан Муртезани во медиа центарот на Владата. Тој упати честитки што земјава е прва од државите во регионот што го потпиша договорот за инструменти и заеми од планот за раст и за добрата реформска агенда.

„Проширувањето е еден од главните приоритети на комисијата, а реформската агенда покрај инструментот за претпристапна помош е всушност двигателот со којшто се постигнува таа цел. Би сакал да бидам јасен, парите што ги даваме денес се дополнување на она што веќе постои. Реформската агенда и распределбата според неа за Македонија е 750,4 милиони евра, покрај тековните ИПА-програми кои надминуваат 500 милиони евра во чисти грантови за финансирање. Со овие финансиски распределби и јасната политичка поддршка, реформската агенда од планот за раст е досега невидена можност за земјата да ги забрза клучните придобивки од членството во ЕУ, како и да ја зголеми економската конвергентност пред пристапувањето“, нагласи Рокас.

Спроведувањето на реформската агенда од планот за раст, нагласи тој, треба да резултира со тројна победа – опипливи придобивки за граѓаните, забрзување на интеграцијата на земјата во ЕУ и дополнителни ресурси во буџетот на земјата за поддршка на потребните реформи. Резултатите ќе се оценуваат два пати годишно, а средствата ќе се ослободуваат соодветно на фиксните полугодишни распореди само ако се постигнат целите, ќе се вршат и плаќањата кон националните буџети.

„Реформската агенда од планот за раст не е замена за членството во ЕУ, туку е алатка за да се поддржат подготовките на земјата за ЕУ. Реформската агенда не е лек за сите болести, туку претставува заеднички напор за да се спроведат потребните реформи кои може да го трансформираат општеството. Забрзувањето на усогласувањето со вредностите, стандардите, политиките и праксите на ЕУ за функционални институции, транспарентно и отчетно владеење, зелена транзиција и одржлив развој. Владата се обврза кон младите, бизнисите, НВО и кон медиумите дека ќе ги унапредува реформите со што ќе донесе опипиливи придобивки за земјата и ќе напредува на својот пат кон ЕУ. Ова ќе го правиме заедно, со поголема политичка волја, ќе ги мобилизираме сите нивоа на Владата и со моделот на ЕУ за единство и солидарност, што ќе биде во центарот на нашиот потфат“, рече Рокас.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани укажа на важноста на планот за комуникација и видливост на планот за раст, која, рече, е клучот на упсешноста на реформите.

„Добро осмислената и спроведена  комуникација не е само формален чекор или административна задача. Напротив комуникацијата е клучот на успешноста на рефиормите. Јасноста, транспарентноста и разбирливоста се предуслов граѓаните да почувствуваат дека реформите се нивни и дека евроинтеграција не е далечен и апстрактен концепт, туку конкретна и опиплива можност за подобар живот. Преку овој план, граѓаните ќе можат јасно да ги согледаат конкретните резултати и ефекти на реформите – од подобрување на деловното окружување и отворање нови работни места, до поголема економска конкурентност и зајакнати демократски институции. На овој начин, планот не само што ќе ја зголеми видливоста на активностите што ги реализираме со помош на ЕУ, туку и ќе ја засили довербата на граѓаните во реформскиот процес и во самата европска иднина на нашата држава“, рече Муртезани.

Планот за комуникација и видливост е создаден во тесна комуникација со Делегацијата на ЕУ, пртеставува стратешки документ и зацртана смерница, како и јасна определеност за отвореност и транспарентност кон сите граѓани и нивно вклучување во спроведувањето на реформите.

За постигнување на планот утврдени се три важни столбови: креирање специјализирана онлајн-платформа за следење на сите активности, напредок и резултати од реформите, организирање јавни настани, дискусии и медиумски кампањи што треба да овозможиме двонасочна комуникација и да поттикне отворен дијалог, како и да изгради силно партнерство меѓу институциите и граѓаните. Третиот столб е преку единствен визуелен идентитет – со јасно лого, шема на бои и визуелен бренд, со што ќе обезбеди секоја активност поврзана со реформите и планот за раст да е лесно препознатлива.

Активностите поврзани со овој план, како што наведе министерот Муртезани, се структуриран во три фази: прво ќе ја градиме свеста за реформите и можностите што ги нуди планот за раст; второ, ќе ги покажеме конкретните резултати преку успешни приказни на граѓаните, бизнисите и институциите; и во третата фаза ќе ги оценуваме нашите комуникациски активности и ќе ги прилагодуваме според вашите очекувања и потреби.

„Овој план не е само за комуникација и видливост, тој е план за доверба и заедничка европска иднина. Денес, упатуваме јасна порака дека реформите се наш заеднички предизвик и заедничка одговорност. Владата не треба да чекори сама на европскиот пат, туку заедно со своите граѓани, со силна поддршка и доверба во ЕУ и со визија која ги надминува моменталните предизвици. Нашата цел е не само да информираме, туку и да инспирираме доверба и активно учество на сите во процесот на европска интеграција. Оваа доверба се гради преку јасна и транспарентна комуникација која е разбирлива за сите – од студентите и младите до бизнис заедницата, медиумите и креаторите на политики“, порача Муртезани.

Муртезани на новинарско прашање истакна дека согласно реформската агенда, која е донесена во Брисел за сите реформи кои нема да се исполнат во одредениот рок, стапува во сила автоматски грејс-период од12 месеци, но нагласи тоа за нас не треба да биде олеснителна околност, бидејќи за секој период има дополнителни реформи и ако ние не ги спроведуваме на време тие ќе се соберат, што на крај би значело, вели, дека нема успешно да ги реализираме.

„Засега нема таков фидбек од процесот на имплементација. Според мене како национален координатор, процесот на имплементација е задоволителен, но треба дополнително да се засили бидејќи ако до декември имавме само пет реформски чекори, до јуни имаме 16, а до крај на годината 45. Плус не е само реформската агенда, има и други процеси кои се предмет на реформи во државата, така што тие сите треба да одат паралелно и да се почитуваат временските рокови“, нагласи Муртезани.

Прашан дали е можно доколку се доцни со реформите овие средства од планот за раст во вкупна вредност од 750,4 милиони евра да ни бидат одземени со оглед на искуството од користењето на ИПА-фондовите, Муртезани нагласи дека од почетокот на неговиот мандат апелирал за јакнење на капацитетите на државата за користење на ИПА-фондовите, и дека ако не се посветиме со конкретни чекори истото може да ни се случи и со реформската агенда од планот за раст.

„Јас како министер имам агенда за спроведување на овие активности и ова ги надминува проблемите што ги имавме со ИПА. Сега за сега имаме јасен сигнал дека динамиката на имплемнтација е навистина добра, но не е доволна, бидејќи треба да се зголеми бројот на реформите“, одговори Муртезани.

На прашањето каде мисли дека најмногу доцниме со реформите, во која институција и која е најслабата алка, Муртезани кажа дека во секоторот правосудство реформите одат малку поотежнато, побавно и оти се надева дека ќе добијат на динамика.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ