Жестоки реакции кај родителите на загинатите деца што се во судницата во Идризово, каде што се води овој процес, предизвика воведниот говор на адвокатот Стојчев, кој рече дека обезбедувачите немале обврска да водат грижа за посетителите во кобната вечер на концертот на ДНК, како и дека таа вечер концертот бил вообичаено собирање.
„Нацев никогаш не бил реален сопственик на Агенцијата за обезбедување Рубикон, обвинителот не може да докаже поврзаност на Нацев со Рубикон, освен во 2024 кога тој само бил вработен таму. Сето ова се измислени претпоставки на Обвинителството. Претставниците требало да вршат контрола на бројката на посетители во Пулс, односно Обвинителството смета дека, како што велат, реалниот сопственик ги повредил законските обврски за Законот за обезбедување. Припадниците не биле задолжени да вршат проверка на безбедносната опрема, проверка на влезот и излезот, бројка на лицата што биле внатре. Согласно со член 39 од Законот за обезбедување, за да се примени оваа одредба, треба да има над 5 обезбедувачи, овде има вкупно тројца ангажирани обезбедувачи, а план за обезбедување нема“, рече во воведниот говор адвокатот Стојчев.
Тој додаде и дека треба да се разграничи дали настапот на ДНК воопшто може да се смета за јавен настап.
„Треба да се разграничи дали настапот на ДНК се смета за јавен настан. Вакви настани имало секој викенд и овој настан е вообичаено собирање. Писмен договор меѓу Пулс и Рубикон. Ако тој требало да врши услуги на патролно обезбедување, тогаш ќе ги пружел тие услуги. Со ниеден од доказите не се докажа дека постои каков било однос меѓу Нацев, Пулс и вработените во обезбедувањето, па не е јасно како Обвинителството утврдило дека Нацев требало да има претходно подготвен план за работа. Ние нема да говориме за претпоставки, туку за факти. Нацев не го предизвикал пожарот и не може да одговара за дејства што немал обврска да ги преземе. Припадниците за обезбедување ги следеле насоките на постапување, а кога настанал пожарот, тие помагале, а за тоа говори бројот на спасените животи“, додаде адвокатот на обвинетиот Нацев.
На ова следеа жестоки реакции од родителите, кои со неверување го слушаа воведниот говор на адвокатот Стојчев. Еден од нив додаде: „Кои спасени животи кога изгореа деца?“.
Обвинетиот Нацев во воведниот говор рече дека молчел 9 месеци и дека бил жртва на јавен линч.
„Молчев 9 месеци и бев жртва на јавен линч. Со неверување гледав како со неверојатна леснотија одново и одново беше рушена презумцијата на мојата невиност, додека целиот тој период бев таргет на разни неосновани и политизирани клевети и навреди. Денес сите овде сме исправени пред брутално силување на Законот за приватно обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како теорија на случај што ја презентира обвинителот“, рече во воведниот говор обвинетиот Нацев.
Сите обвинети во почетокот од судењето изјавија дека не се чувствуваат виновни за трагедијата во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Некои од нив изразија сочувство кон семејствата на жртвите, но останаа на ставот дека не сториле „тешки дела против општата сигурност“.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Судскиот процес е во тек и денес треба да биде сослушан и првиот сведок на Обвинителството.
Катерина Додевска






