Како што нагласија во своето обраќање, што пред Судот и Обвинителството во Кочани го прочита Александар Наунов, татко на починато девојче, тие два месеци чекаат одговор од Институтот за судска медицина и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет во Скопје за тоа дали се направени токсиколошки анализи за присуство на цијанид или сродни токсични соединенија кај нивните починати деца.
„На 14 јануари 2026 година, ЗГ 16-ти Март 2025 – Кочани официјално достави барање до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија при Медицинскиот факултет – УКИМ Скопје, со едно единствено барање – вистината. Побаравме јасен и недвосмислен одговор: – дали Институтот бил вклучен во токсиколошките анализи, – дали било испитувано присуство на цијаниди или сродни токсични соединенија, – и доколку такви анализи не биле извршени, тоа јасно да биде наведено. Од тоа барање поминаа веќе два месеци, а до денес немаме никаков одговор. Дополнително, уште пред четири месеци побаравме итна средба со претставници од Судска медицина. Наместо конкретни одговори, добивме само колективна средба со директорот на Судска медицина, на која ни беше кажано дека дополнително ќе бидеме повикани и детално ќе ни биде се објаснето. Од тогаш — повторно целосен молк. И ова не е првпат јавно да го поставуваме ова прашање. И минатата недела, на маршот, јавно го поставивме истото прашање пред институциите и пред јавноста. Но и по тоа — повторно никаков одговор“, рече Александар Наунов.

До денеска, според претседателот на ЗГ „16 март 2026 Кочани“, Александар Наунов, повеќе од една година подоцна, тие сè уште немаат целосен одговор иако во меѓувреме добиле решение од Природно-математичкиот факултет – Скопје во кое било потврдено дека по наредба на кочанското обвинителство бил изготвен вешт наод и мислење поврзано со предметот, но без одговор дали е испитуван цијанид и што покажуваат анализите. ПМФ ги упатува кон ОЈО Кочани и Судска медицина од каде „добиле само молк“.

„Ова е неприфатливо криење на информации за семејствата кои имаат право на вистината. Бараме одговор, вистина и достоинство“, истакна Наунов.

Четириесетиот „Марш за ангелите“ и денеска започна од „Паркот на Револуцијата“. Луѓето поминаа низ Трговскиот центар, кратко се задржаа пред УЈП и Полициската станица.
Наунов своето обраќање го имаше пред Судот и Обвинителство, по што маршот заврши каде што и почна – во „Паркот на Револуцијата“.






