Пред почетокот на денешното рочиште, родителите во изјава за медиумите реагираа дека имаат сознанија дека еден од обвинетите, кој се наоѓа на одржувања мерка притвор во затворот во Скопје му дава на користење телефон на Тодор Јованов, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на Обвинителството.
„Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон. Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овојпат вистината да остане затскриена“, изјави една од мајките.
Одбраната пак, како што посочи адвокатката на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, има сознанија дека секој сведок пред сослушување се повикува во Обвинителството и му се предочува записникот за да го зборува истото, а единствениот сведок што зборувал отворено, јавно бил линчуван.
На прашање од одбраната, дали сведокот Сара Велинова во Обвинителството кажала дека во дискотеката чула “силна експлозија и густ чад”, сведокот рече да.
„Само слушнав, не осетив од каде доаѓа. Почувствував црн густ чад и дури мислам дека од тоа се онесвестив после“, изјави Велинова.
Одбраната реагираше дека Велинова презентира изјава со невообичаено добра меморија и во исказот се совпаѓа со претходните сведоци.
„Не може сите да се сеќаваат на спуштен плафон, над 500 гости, стампедо и други исти околности“, посочија од одбраната.
Адвокатот Еленко Миланов, на паузата на денешното рочиште, во изјава за медиумите повторно реагираше дека судењето продолжува без Обвинителството воопшто да се произнесе по она што се случуваше со правната квалификација којашто е применета за дел од полициските службеници и запирањето на постапката во однос на сите оние службеници за кои има застареност по член 353 од Кривичниот законик, за евентуална злоупотреба на службената положба.
„Основното јавно обвинителство Кочани, треба да се обрати и да побара мислење за понатамошното постапување во врска со ваквата поставеност на нивниот обвинителен акт. Без оглед на тоа постои можност, ќе се обратиме до Републичкото јавно обвинителство“, изјави Миланов.
На денешното рочиште во судницата во Идризово, беа сослушани четворица сведоци, двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот кобната ноќ, како и двајца сведоци кои биле гости во дискотеката кога избувнал пожарот.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката Пулс во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.






