Родителите го искажаа револтот на крајот од денешното рочиште, додека и тие и адвокатите се движеа кон своите автомобили. Вербалниот напад беше кон адвокатите од Кочани од кои, како што рекоа родителите, како сограѓани очекувале поддршка за трагедијата, а не да се богатат и да ги бранат обвинетите.
Додека родителите на висок тон се обраќаа на еден од адвокатите, тој им велеше: „Законот е таков, мора да имаат бранител.“
„Јасно ми е дека по закон обвинетите мораат да имаат бранители, меѓутоа чудно ми е што има многу бранители на обвинетите од Кочани. Дали немате малку совест и чувство на емпатија кога ќе нè погледнете нас, семејствата на убиените деца, колку тагуваме по нив или немате чувство на емпатија дека убија ваши сограѓани? Барајќи ја правдата за нашите убиени деца учиме дека во Кочани живееле многу корумпирани луѓе“, рече Јулија Златкова, мајка на Томас Златков, кој загина во пожарот во „Пулс“.
Друга мајка на загинато дете во пожарот рече дека Господ ќе им суди на адвокатите.
К.Д.






