Поворката од родители и нивните поддржувачи ја поминаа предвидената маршута – од Паркот на револуцијата, Трговскиот центар и зградата на Општина Кочани, Управата за јавни прихдои, зградата на полицијата, па се до Основниот суд од каде побараа овој случај да добие епилог, да не се заташка и заборави.
„Ако институциите дозволат оваа трагедија да заврши во тишина, ако не ја исполнат својата должност, тогаш испраќаат порака дека животот на нашите деца не значел ништо, а тоа ќе значи втора неправда, уште поголема и по тешка од првата“, порачаа тие.
Семејствата на загинатите, како што самите рекоа, не бараат од државата сочуство и празни зборови, туку вистинска, целосна и праведна разрешница.
„Секој што носи одговорност без разлика на функцијата, позицијата или моќта мора да биде изведен пред лицето на правдата, затоа што човековиот живот нема цена, а нашите загуби немаат замена“, истакнаа на маршот.
Родителите го завршија маршот онаму од каде што тој и почна – во Паркот на револуцијата во Кочани, со себе носејќи фотографиите од своите деца и транспаренти со пораки што постојано ги упатуваат до истите институции.






