Според нив , алудирајќи на излагањата на адвокати на обвинетите, она што се случува во Идризово повеќе наликува на „Струшките вечери на поезијата“ отколку на судница.
„Јавно прашуваме, дали судницата се претвори во ‘Струшки вечери на поезијата’? Дали таму се оди за рецитирање или за вистина? Дали зборовите треба да ја покријат смртта на нашите деца? Зашто од тоа што го слуша јавноста, може да се помисли дека, децата не загинале, пожар немало, дека никој не е виновен и дека трагедијата била случајна. Но вистината е сурова и тешка, нашите деца изгореа живи, во чад, во паника, со крикови за помош што никој навреме не ги слушна“, рече пред кочаскиот суд и обвинителство, Александар Наунов, татко на починато девојче во пожарот во „Пулс“ од 16 март.
Говорејќи во името на родителите, Наунов додадоа дека тие не се тука поради инает иили политика, туку од болка, за правда што се уште ја нема и од љубов кон нивните деца која е посилна од стравот.
„Нема да дозволиме трагедијата на нашите деца да се пере со убави зборови. Нема да дозволиме смртта да се релативизира. Нема да дозволиме лагата да стане официјална вистина. Овој протестен марш е гласот на оние што не можат да зборуваат. Овој марш е чекор на мајки и татковци со скршени срца. Овој марш е крик за правда што ќе одекнува сè додека не се слушне. И затоа денес, пред јавноста, пред судот и пред институциите, порачуваме. Не се откажуваме. Нема да молчиме. Ќе бидеме тука на секое рочиште. Ќе маршираме на секој протест. Ќе бараме одговорност сè додека правдата не победи. За нашите деца. За нивните згаснати животи. За иднината на сите деца во оваа држава. Вистината мора да излезе на виделина. Правда мора да има. Виновните мора да одговараат“, рече Наунов.
Во своето јавна обраќање денеска на 32. протестен „Марш за ангелите“ родителите посочија дека во предметот, Јавното обвинителство располагало со доказен материјал од над 200 гигабајти вештачења, разговори, аудио и видео снимки, извештаи и анализи. За нив, тоа не се празни зборови, туку факти.
Протестниот „Марш за ангелите“ стандардно започна од „Паркот на Револуцијата“ во Кочани каде што и заврши, откако претходно се помина истата маршута: Трговскиот центар, зградата на Управата за јавни приходи и кочанската полиција, суд и обвинителство.






