Во пресрет на зимските месеци, на иницијатива на РКЕ се одржа координативен состанок со Електродистрибуција ДООЕЛ, каде првите луѓе на компанијата реферираа за преземените мерки со цел подобрување на услугата и воспоставување на двонасочна комуникација со потрошувачот, а се со цел јакнење на довербата, транспарентноста и отчетноста.
Како што се наведува во соопштението од РКЕ, регулаторите напоменале дека клучно е во првите недели од јануари да продолжи редовното отчитување, за што од Електродистрибуција информираа дека имајќи го во предвид овогодинешното искуство со поплаките за претстојните празници се организирани во вонредни екипи кои и за време на празниците и викендите ќе вршат отчитување се со цел потрошувачите да добиваат сметки со реална, а не прогнозирана потрошувачка.
Од Електродистрибуција ДООЕЛ информирале дека од 1 декември годинава, проширени се дигиталните опции за потрошувачите и е ставена во функција новата услуга за онлајн корекција на фактура, мобилизирани се вработените да им помогнат на потрошувачите во креирање на кориснички профил.
Во исто време достапни се и останатите претходно воведени дигитални услуги како „Пријави состојба“, „Е-фактура“, и примена на ознака на фактурата со „О“- отчитано или „М“- проценета состојба со што потрошувачите знаат точно дали добиваат сметка со реална потрошувачка, или истата е базирана врз основа на проценета состојба.
Од РКЕ и Електродистрибуција упатија апел до потрошувачите да продолжат со одговорно трошење на електричната енергија и во текот на зимскиот период.






