„Триесет и три илјади преписи на скапа терапија се направени. Проверувани се сите. Методолошки. Она што е најдено како чудно и неправилно, овде е изложено“, истакна во изјава за МИА Ристески.
Како и минатото рочиште, тој сведочеше за терапиите и протоколите во Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје при што кажа дека забележал отстапувања, особено во делот на недоволно документирани податоци за состојбата на пациентите и објаснувања за изборот на терапија.
Меѓу другото, тој појасни дека кај 12 пациенти терапијата била дадена спротивно на индикациите и без никаква корист и на штета на пациентите.
Образложи и околу лекувањето на еден од пациентите од крајот на 2019 година.
„Има пациенти кои требало да добијат пембролизумаб а не добиле, особено во групата на пациенти со рак на бубрег. Не може да се фаворизираат пациенти според индикацијата и достапноста на терапијата“, подвлече меѓу другото Ристески на рочиштето.
Одбраната имаше забелешки дека Ристески дава стручна оценка за одлуки донесени од лекари со значително подолго клиничко искуство од неговото, дека по помалку од една година од добивањето на лиценца за вештак од областа на радиотерапија и онкологија, бил ангажиран како медицински експерт во овој предмет, иако не можело, оти бил и сведок.
Ристески негираше дека ова е негов прв предмет по добивањето на таа лиценца и истакна дека досега немало никаква забелешка за неговата работа.
Случајот „Онкологија“ се води против поранешниот директор на Клиниката, Нино Васев, и уште тројца онколози, обвинети за несовесно лекување на пациенти. Постапката започна и против Мери Пешевска, која призна вина и доби условна казна затвор од две години. Обвинението ги товари лекарите за тешки дела против здравјето на луѓето, со неправилно применети терапии кај 29 пациенти. Судењето прдожува на 31 март.
МИА






