Според Ристески прво ќе стигнат опомените, а казните за неспроведувањето на мерката која започна вчера да се применува, се од 500 до 10.000 евра.
„Како што почна мерката да се применува, така и пазарниот инспекторат има вонредни контроли. Засилени контроли ќе има по велигденските празници. Казните за сите оние кои нема да ја почитуваат оваа транспарентност преку нивните веб-страници, содржана во Законот за заштита на потрошувачите, се од 500 до 10.000 евра“, рече Ристески.
Се очекува сите трговци да ја почитуваат мерката и нема никакво одложување, иако имаше одредени барања, особено од аптеките. Можна е средба со нив идната недела.
„Очекуваме сите трговци на мало да ја почитуваат мерката. Мерката стапи во сила од 4 март. Имаше период од 45 дена за приспособување. Мислам дека тој период е доволен. Голем број трговци веќе имаат свои веб-страници, само требаше да воведат ценовници и она што го предвидува законот. Одлагање нема да има. Знам дека има одредени барања и како што најави министерот, можеби наредната недела ќе имаме средба со некои од тие здруженија на аптеки, на трговци на мало. Одлагање нема да има, треба да се применува и да се спроведува, во интерес е на заштита на стандардот на граѓаните преку транспарентното објавување на сите цени, односно, граѓаните да може сами да одлучуваат каде би ги купувале производите и по која цена“, изјави Ристески.
Со оваа и другите мерки се очекува на подолг рок да има заштита на животниот стандард на граѓаните.