Во гостување на емисијата „Став на регионот“ на регионалната телевизија Newsmax Balkans, Ристески истакна дека Владата останува посветена на трипартитниот социјален дијалог во рамки на Економско-социјалниот совет (ЕСС), како и дека е отворена да дискутира транспарентно за сите прашања.
„Во моментов минималната плата се регулира со системско решение кое е донесено од страна со ЕСС и со поддршка на ССМ, по формула која е донесена пред неколку години. Тогаш ова решение беше претставено како голема победа и конечно воведување на системско решавање за утврдување и зголемување на минималната плата, без административно и политичко мешање во нејзиното креирање. Денес, истиот тој ССМ има сосема поинаков наратив и став за овој договор, кој тогаш донесе минимално зголемување во време кога имавме екстремно висока инфлација, а во време на стабилизирана економија и инфлација од 4 проценти бараат зголемување на минималната плата надвор од оваа законска формула за 50 проценти. Ова нивно однесување, без притоа да се земе во предвид и еден од најрелевантните економски показатели, а тоа е продуктивноста на трудот, укажува дека нивните барања се без каква било економска логика“, рече Ристески.
Според него, паушалните споредби со другите држави може да дадат искривена слика за состојбите, бидејќи секоја економија е различна и има свои карактеристики.
„Македонската економија има специфична структура каде над 90 проценти од постоечките компаниите се микро, мали и средни претпријатија, како и занаетчии и поединци-трговци кои вработуваат најголем дел од работната сила и кои ќе бидат најдиректно засегнати од овие прашања и одлуки. Дополнително, имаме и сектори во државава, пред се поврзани со трудово-интензивните гранки како што се текстилната и кожарската индустрија, каде што минималната плата е најзастапена и каде секое непромислено зголемување може директно да го загрози опстанокот на работните места“, додаде Ристески.
Оцени и дека е потребен сериозен пристап при решавањето на економските прашања, кои базираат на анализи и податоци со цел носење системски решенија кои треба да произлезат од договор во рамки на ЕСС.
„Како Влада остануваме посветени на спроведување политики со кои ја зајакнуваме економијата во државата и го зголемуваме животниот стандард, но тоа не се прави со ад-хок решенија и со носење на административно-политикантски одлуки. Минималната плата мора да се зголемува системски, одржливо и во рамки на економските реалности“, подвлече заменик-министерот Ристески.






