„Целосно сме запрепастени од одлуката на обвинителството лицата што синоќа нападнаа полициски службеници пред дискотеката „Пјур“ во Скопје да бидат ослободени и да не бидат изведени пред суд по итна постака, иако првично биле дадени насоки за тоа“, се наведува во дел од денешната реакција на Независниот синдикат на полицијата (НСП).
Според информациите на НСП, одлуката била променета откако интервенирал висок функционер од Владата, по што бил променет и обвинителот кој бил на местото на настанот. Во настанот дополнително бил вклучен и одделот за внатрешна контрола на МВР, која, како што велат од НСП, сега наместо вина кај напаѓачите, ќе истражува за работата на нивните колеги, полицајците.
„Како синдикат будно ја следиме состојбата со синоќешните настани пред дискотеката ‘Пјур’ во Скопје, каде двајца наши колеги од полициската станица Карпош беа нападнати од страна на алкохолизирани лица, при што се здобија со тешки телесни повреди. Бараме сериозен и темелен пристап од страна на сите инстуции, а ние развојот на овој настан детално ќе го следиме. Уште утре ќе испратиме писмена реакција до Основното јавно обвинителство, но и до Министерот за внатрешни работи, затоа што нанесување на тешка телесна повреда на полициски службеник е сериозно кривично дело кое не смее да биде толерирано и допуштено да се маргинализира“, велат од Независниот синдикат на полицијата.






