Најмалку три месеци им треба на ревизорите од Државен завод за ревизија за да утврдат дали парите во една институција се трошат законски, правилно и транспарентно. Оваа независна ревизорска институција во државава е навидум истражен орган кој укажува, но нема ингеренции да гони.
Но, од оваа институција, односно од работењето на ревизорите, а од неработењето на останатите институции кои ги контролираат, почнуваат многу предистраги, истраги, а потоа и судски постапки. За поголемите ревизии кои опфаќаат широки теми за спроведување на мерки и активности на повеќе субјекти, ревизорите работат понекогаш и од шест до девет месеци. Исходот од направените ревизии се испраќа до обвинителите, кои потоа постапуваат.
Според годишната програма за работа на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во 2024 година до Јавното обвинителството беа доставени 38 ревизорски извештаи за 32 ревидирани субјекти. Од нив, Јавното обвинителство доставило 17 повратни информации, а за истиот број предмети е отпочната предистражна постапка.

За 2025 година, ДЗР достави 11 ревизорски извештаи за осум ревидирани субјекти, по кои беа добиени 10 повратни информации до Јавното обвинителство. Од нив, за седум предмети е отпочната предистрага, што покажува дека подолжува вниманието кој финансиската дисциплина и законитоста во работењето на институциите.
Од ДЗР велат дека овие податоци ја нагласуваат улогата на ревизијата како важен механизам за контрола и отчетност, со директна поврзаност со правосудниот систем во земјата.
Најзначајните предмети по кои беше покренато обвинение се случајот со Општа болница Прилеп, ЈЗУ Универзитетска клиника за радиологија и онкологија, случајот со Државна лотарија, случајот со набавката на мазут од ТЕЦ Неготино, за ископот на РЕК Битола…
На 29 јануари годинава ОЈО Прилеп поднесе обвинителен акт против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела проневера во служба и злоупотреба на постапките за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство.
Државниот завод за ревизија во декември лани објави дека утврдил сериозни неправилности, незаконско работење и сомнеж за злоупотреба на јавни средства во АД Државна лотарија за 2024 година.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизијата на усогласеност на Министерството за образование и наука и утврди дека повеќе од една деценија, МОН не презело мерки за наплата или отпишување на пребарувања по основ на студентски кредитидоделени во период од 1998 до 2010 година, во износ од приближно 18.000.000 евра.
Значаен чекор во зајакнувањето на соработката со Јавното обвинителство е потпишувањето на Меморандумот за соработка во 2022 година, со кој е уреден начинот на комуникација, консултација и достава на конечните ревизорски извештаи до Јавното обвинителство, за нивно понатамошно постапување, размената на податоци и информации со цел поефикасно постапување по констатираните неправилности.
Двете институции извршија имплементација на донесените внатрешни задолжителни упатства за понатамошно постапување по ревизорските извештаи, со што придонесоа за поефикасна комуникација и соработка помеѓу ДЗР и ЈОРМ. Дополнително, на редовна и континуирана основа се одржуваат работни состаноци помеѓу јавните обвинители и државните ревизори, со цел обезбедување на дополнителни информации и појаснувања во врска со констатираните неправилности содржани во доставените ревизорски извештаи.
Државниот завод за ревизија и Јавното обвинителство во 2022 потпишаа Меморандум за соработка со кој се унапредуваат меѓуинституционална комуникации и координација во постапувањето по конечните ревизорски извештаи. Со овој меморандум се воспостави навремена и взаемна комуникација меѓу двете институции, а овој документ предвидува и соработка меѓу стручните тимови, како и поддршка на заеднички проекти.
Катерина Додевска






