Во обемниот извештај, ревизорите нотираат серија сериозни неправилности во работењето на претпријатието – од несоодветно водена сметководствена евиденција и незаконски финансиски трансакции, до системски пропусти во управувањето со отпад, користењето на службени возила и пресметката на платите.
Меѓу најсериозните наоди, се наведува дека „Охридски комуналец“ не уплатил 233 милиони денари на сметката на Општина Охрид од наплатен надоместок за јавна чистота – од кои 21 милион во 2023 година. Дополнително, претпријатието не ги евидентирало обврските кон општината во вкупен износ од 253 милиони денари, а не постои ниту систем за наплата на камата за задоцнети уплати од големи правни лица.
Ревизорите забележуваат и дека не се спроведува редовен попис на средства, не е усогласена евиденцијата на залихи, не постои верификација на мерила за гориво, а службените и приватните возила се користат без јасна документација и контрола. Дел од материјалите и амортизацијата се неправилно евидентирани, а залихите не се соодветно следени.
Цените на комуналните услуги не се пресметуваат според важечката методологија, а назначеното лице за управување со отпад нема положен стручен испит. Дополнително, претпријатието не склучило договори со 97% од правните лица кои создаваат комерцијален отпад, што создава хаос во односите и обврските.
Претпријатието не поднесувало редовни шестмесечни извештаи до градоначалникот, не воспоставило единица за внатрешна ревизија, а платите не се пресметувале согласно прописите.
Ревизорите нотираат и дека „Охридски комуналец“ работи со блокирана сметка и во континуитет остварува загуби од 2021 година. Се наведува и дека собирањето и згрижувањето на бездомни животни се врши без договор со Општината и без плански документи.
Во извештајот, ДЗР истакнува дека во текот на ревизијата биле прифатени дел од корекциите, како воспоставување евиденција за донации и корекција на дел од податоците за надоместок за јавна чистота. Меѓутоа, најголем дел од забелешките на директорот на претпријатието не биле прифатени поради недостиг на соодветни докази.
Со оглед на сериозноста на утврдените состојби, ДЗР упатува препораки до раководството на „Охридски комуналец“ и надлежните институции за итно преземање мерки и активности за подобрување на финансиската дисциплина, транспарентноста и законитоста во работењето.






