недела, 13 јули 2025

Реконструираниот регионален пат Бељаковце – Клечовце ставен во употреба

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, во присуство на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта – ЈПДП, Коце Трајановски, пратеници од Собранието на Македонија, претставници од Владата на РСМ и претставници од месните заедници низ кои поминува регионалниот пат, денеска ја пушти во сообраќај делницата Бељаковце – Клечовце.

Објавено на

часот

Сподели

За оваа делница одвоени се 35 милиони денари. Поставен е асфалтен слој во должина од 5.600 метри, соопштија од Јавното претпријатие за државни патишта.

Рехабилитацијата на овој патен правец, соопштија од Општина Куманово, е реализирана согласно Годишната програма на ЈПДП за 2025 година, преку договорот со Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта – Македонија пат, од каде се издвојуваат средствата за обнова на регионалните патни правци во Единиците на локалната самоуправа (ЕЛС), односно општините.

„Реконструкцијата на патниот правец Бељаковце – Клечовце се одвиваше во повеќе фази: земјени работи на коловозната лента, проширување на трасата, кастрење по текот на целата делница, порамнување, тампонирање и асфалтирање на завршниот слој“, се наведува во соопштението.

Коце Трајановски, директор на Јавното претпријатие за државни патишта изјави дека инвестира во регионалните и локалните патишта бидејќи биле запоставени во минатото, а со реконструкција на патиштата се надева дека жителите кои се отселиле ќе се вратат да живеат тука.

„Ова е еден прекрасен крај со плодно земјиште блиску до река Пчиња. Тука се направи пругата во Бељаковце, а со регионалниот пат ние сакаме и автопатски да го поврземе овој дел од Куманово. Како јавно претпријатие за државни патишта сега инвестираме во регионалните и локалните патишта, бидејќи факт е дека во Македонија тие се запоставени и тоа е причина луѓето да се иселуваат од овие села. Се надевам дека овој пат ќе придонесе и за развојот на овој регион. Ова е земјоделски крај и луѓето ќе почнат да се враќаат тука и да живеат“, вели Трајановски.

ЈП Државни патишта врз основа на програмата за 2025 година има направено договор со ЈП Македонија пат во износ на околу 30 милиони евра, од кои 300 милиони денари (4,8 милиони евра) се предвидени за реконструкција, рехабилитација и поправка на локалните патишта.

Тој нагласи дека Општина Куманово не е запоставена- како една од поголемите општини во државата ЈП за државни патишта ќе инвестира 85 милиони денари за тековната година.

„Следниот пат што ќе го прави Македонија пат оваа година преку јавното претпријатие Државни патишта е патот од село Пчиња до село Вак’в и со тоа ќе ја исполниме програма за оваа година. Следната година, заедно со градоначалникот и пратениците ние ќе утврдиме кои места ќе бидат приоритет и да бидат рехабилитирани локалните патишта, а кои се во надлежност на ЈП Државни патишта. За 2025 година имавме контакти со сите градоначалници на локалните самоуправи во Република Македонија со пратениците и со населението и така ги одредивме приоритетите за 2025. Истата процедура ќе биде за 2026 година“, кажа Трајановски.

Градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски се заблагодари на разбирањето на менаџерскиот тим на јавно претпријатие за државни патишта и на јавното претпријатие Македонија пат за реконструкција на оваа патна траса.

„Од страна на граѓаните што живеат во овој дел на општина Куманово стигнаа голем број на барања и апели да се реконструира оваа траса, којашто претходно беше уништена поради изградбата на пругата Куманово-Бељаковце со употреба на тешки возила и машини. Оваа е еден добар позитивен проект, особено за овој дел на општината, која е една од позапоставените и стопански неразвиени. Општина Куманово и државните институции со Владата ќе продолжиме да инвестираме во неразвиените делови на државата, а со тоа и во неразвиените делови на општина Куманово“, истакна Димитриевски.

Претседателот на месната заедница на село Довезенце, Драги Додевски, вели дека по оштетувањето на патот по изградбата на пругата побарале да им го реконструираат. Тој кажа дека во село Довезенце живеат околу 50 домаќинства, а сега има изградено 82 викенд-куќи.

На денешниот настан биле потенцирани заложбите на Општина Куманово и државните јавни претпријатија, дека ќе продолжи процесот за унапредување и развој на руралните области во овој регион.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ