До крајот на денот се очекува висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде се можни заезерувања во Полошката Котлина, како и локални излевања на малите реки и суводолици во Гостиварскиот и во Тетовскиот регион, а и самата река Вардар се очекува да има висок водостој во текот на денот.
Висок водостој во текот на денов се очекува да имаат и реките Сатеска и Коселска, како и останатите реки во Охридско-Струшкиот регион каде на поедини места се можни локални излевања на помалите реки и суводолиците.
Реката Црна има зголемен водостој и во нејзиниот слив се можни локални излевања во текот на денот, во Демиркапискиот и во Пелагонискиот регион. Реката Треска има висок водостој и можни се локални излевања кај селата Пласница и Лисичани, а исто така зголемување на водостојот во текот на денот се очекува и на нејзината лева притока река Кичевска.
„Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и водотеците во западните делови во текот на денешниот ден, поради можност од појава на високи води. Исто така, на изолирани места и во источните делови локално е можна појава на интензивни врнежи така што препорачуваме и во тие делови внимателно следење на состојбата“, велат од УХМР.






