Според најновите податоци на Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР), нивото на речиси сите поголеми водотеци е далеку над просекот за февруари, а на одредени мерни места се бележи зголемување и за повеќе од четири пати во однос на вообичаените вредности.
Најдраматична е состојбата со реката Треска кај Македонски Брод, каде што денеска се измерени 196 сантиметри во споредба со февруарскиот просек од 49 сантиметри.
Зголемени вредности бележи и најголемата македонска река Вардар. Кај Јегуновце утрово се измерени 220 сантиметри, што е за два и пол пати повеќе од вообичаеното ниво за овој период од годината. Покачено ниво на водата на Вардар е регистриран и кај Скопје, Велес и Демир Капија.
Според УХМР, зголемување на нивото на водата се бележи и на Црна Река кај Новаци, на Брегалница кај Берово, на Пчиња кај Катлановска Бања, на Сатеска кај Ботун, како и на Црн Дрим кај Ложани.
Нивоата на Охридското, Преспанското и на Дојранското Езеро се во рамките на февуарскиот просек.






